Ангела Меркел: Никогаш не сум била наивна со Путин 

Одмораше во својот дом во Бранденбург, беше во Италија, помина пет недели на Балтичко Море. Ангела Меркел во последните шест месеци го прави токму она што го најави пред да му ја предаде работата на својот наследник: направи пауза и не прифаќаше никакви покани. „Тогаш ќе видиме каде ќе се појавам“, рече таа на 8 декември.

Поранешната канцеларка сега повторно се појави во јавноста. Во величествената необарокна театарска сала на Берлинскиот ансамбл со многу злато и црвено кадифе, пред околу 700 гледачи и голем број претставници на медиумите, прашања ѝ поставуваше авторот и новинар Александар Осанг.

Ја мачи војната

Во поканата за тој разговор стои дека Меркел ќе ги каже своите ставови за „големите предизвици на нашето време“. Што е поголем предизвик овие денови од руската агресорска војна во Украина и нејзините последици? А што е повозбудливо во разговорот со Ангела Меркел од прашањето: Дали, гледајќи наназад, гледа грешки во времето кога беше на власт или не.

Ситуацијата во Украина ме мачи, вели Меркел. Таа и по мандатот сѐ уште е политичка личност. И затоа е потиштена.

„Се разбира, времето по мандатот го замислував поинаку, 24 февруари едноставно беше пресвртница.“ Руската војна е „брутален напад што го крши меѓународното право, за кој нема оправдување“.

Гледајќи наназад на нејзиното шеснаесетгодишно владеење, поранешната канцеларка се прашува и „што можеби е пропуштено“. „Оваа ситуација веќе сега ја сметам за голема трагедија. Можеше ли да се направи повеќе за да се спречи таква трагедија?“

Уште поостро кон Путин?

Ангела Меркел призна дека кон рускиот претседател Владимир Путин можело да се постапува построго во 2014 година по руската анексија на Крим. Но не може да се каже дека тогаш ништо не било направено, нагласи таа, мислејќи на исклучувањето на Русија од Г8. Тогаш НАТО одлучи секоја членка да троши по два отсто од својот бруто-домашен производ за одбрана.

Меркел го бранеше и фактот дека во 2008 година, кога на маса беше вклучувањето на Украина и Грузија, таа се спротивстави на проширувањето на НАТО на исток.

„Во тоа време Украина беше земја со која владееја олигарси и не можевте едноставно да ја примите во НАТО“.

Дипломатијата не беше погрешен пат

Постојано се враќа во минатото, вели Меркел. Но, гледајќи наназад, таа себеси нема што да си замери. „Ако дипломатијата не функционирала, не значи дека била погрешна. Не гледам дека сега треба да кажам: тоа беше погрешно. И затоа нема да се извинувам. „За среќа, јас дадов сѐ од себе“ и „голема тага е што тоа не успеа“.

Додека таа беше канцеларка, преовладуваше верувањето дека на Европа ѝ е подобро со Русија како партнер отколку во конфронтација со Кремљ. Партијата ЦДУ, но и нејзиниот долгогодишен коалициски партнер СПД, се потпираа на економските врски, комбинирани со политички и културни размени. Покрај тоа, гасот, нафтата и јагленот од Русија беа релативно евтини, што беше предност за германската економија.

Средбата со песот

Дали канцеларката лично го потценила рускиот претседател Владимир Путин? Неговата волја за моќ, неговиот потенцијал за агресија? Зарем не требаше да ѝ биде предупредување кога Путин на состанокот во Сочи во 2007 година провокативно го донесе својот голем пес, иако знаеше дека Ангела Меркел се плаши од кучиња?

За време на посетата на Сочи, Путин ѝ рече дека за него распадот на Советскиот Сојуз е најлошото нешто во 20 век. „Му реков, знаете, за мене тоа беше најголемата среќа во мојот живот затоа што добив слобода и тогаш можев да го правам она во што уживам.“ Во тој момент беше јасно дека постои големо несогласување и дека „тоа несогласување стануваше сѐ поголемо“.

Поранешната канцеларка смета дека Студената војна со Русија никогаш реално не завршила.

Не била наивна

Таа никогаш не била наивна. „Путиновата омраза – да, мора да се каже – Путиновото непријателство е вперено против западниот демократски модел.“ Таа секогаш предупредувала: „Знаете дека тој сака да ја уништи Европа. Тој сака да ја уништи Европската Унија, бидејќи ја гледа како претходник на НАТО“.

Таа никако не го дели тоа мислење, но во текот на сите овие години не беше можно да се создаде безбедносна архитектура што би можела да спречи војна, рече Меркел. „И за тоа мора да се размислува. Исто така, во интерес на Германија е да се најде ‘модус вивенди’ со Русија – за да можат двете земји да коегзистираат.“

Среќна поради новата фаза од животот

На Меркел една работа ѝ е сосема јасна: военото одвраќање е единствениот јазик што Путин го разбира. Затоа ѝ е драго што Бундесверот сега ќе биде подобро опремен.

Фото: ЕПА

„Многу ми е драго што сега, кога целиот свет има вооружени беспилотни летала, решивме и ние да ги купиме.“ Критикувајќи ја СПД, со која нејзината ЦДУ е долги години во коалиција, поранешната канцеларка рече дека не е нејзина вина „што одредени работи не се случија“. „Беше многу тешка борба, воопшто да се инвестира во воено одвраќање.“

Разговорот траеше добар час и половина, а најмногу се зборуваше за Русија и војната во Украина. Но не само за тоа. Ангела Меркел изгледаше опуштено.

Некандидирањето повторно на изборите во 2021 година беше сосема правилна одлука. „Во политиката бев 30 години и секогаш имав состаноци, состаноци, состаноци. Верувам дека можам многу добро да се носам со оваа нова фаза од мојот живот и да бидам многу среќна“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons