И грав веќе не е евтино да се јаде, игри без граници со цените 

Секое влегување во продавница е нова неизвесност. Цените на храната секојдневно се зголемуваат. Често пати може да се видат вработените како под производите лепат нови цени. Ако ги прашате дали лепат повисоки цени, велат: „Да, за жал”. Ако пред кризата граѓаните се жалеа дека влегле во продавница со 500 денари и дека скоро ништо битно не купиле, сега тоа го велат за трошок од илјада денари. За да се поднаполни фрижидерот и да „држи” некој ден, треба да се потрошат барем 2.000 денари. Веќе не е евтино ниту со „посен” грав, леб и салатичка да се помине ручекот.

Купувачите често застануваат покрај штандовите со леб. Цените никогаш не биле повисоки. Пакувањата од половина килограм „обичен” леб се до 50 денари, па и нагоре, во зависност од тоа дали е сецкан и чиј производ е. Потоа немо се застанува кај брашното, млекото, маслото за јадење… Па и гравот веќе не е евтин – мало пакување накај 150 денари. На пазар килограм грав нема под 220 денари.

Покрај тоа што цените си поигруваат со нашите нерви, видливо е дека се јавува и недостиг од некои продукти. Веќе неколку дена потрошувачите се жалат дека цените на млекото и млечните производи не само што отидоа „во небо”, туку и дека има недостиг од одредени производители. Токму за млекото и млечните производи најавите се дека неделава претстои ново поскапување. Поскапување бараат и производителите на мед. Па и тие на ајварот.

„Ако млекото повторно поскапи се прашувам како ќе им го обезбедам на моите деца кога со сопругот имаме просечна плата. Кога ќе се пресметаат режиските трошоци, потоа за градинка и училиште, не остануваат пари за купување на храна како до пред неколку месеци. Мора и на храна да штедиме, а веќе штедиме на облека, на хигиена, а за автомобилот и да не раговараме, нема пари за бензин”, вели една граѓанка која ја затекнавме како ги „мерка” цените.

„Вака се лепеа нови цени на времето пред распадот на Југославија, пред да дојде Анте Марковиќ за премиер. Со Анте видовме стабилност, имавме плати, можевме да си дозволиме полежерно да пазариме. Сега како да се враќаме поранешното невреме на неизвесност, на криза, кога беше попаметно што побрзо да ги потрошиш динарите/ денарите на купување храна, зашто ако ги чуваш стануваа безвредни”, вели постар скопјанец.

Продавачите исто така се жалат и затоа што и самите се купувачи на храна и затоа што мора да го правдаат маркетот, велејќи дека не е до нив, туку до производителите, до цените на горивата и на струјата. Досега имало неколку бранови на потрошувачи кои брзо ги празнеле рафтовите, еднаш со брашно, другпат со масло за јадење, а изминатите денови и рафтовите со млеко иако цената на литар во тетрапак никогаш не била повисока, велат продавачите.

Гласините се дека неделава млекото ќе има нови, значително повисоки цени, но и дека е можно да дојде до млечна криза. Извесна млечна криза имаше предминатата недела во Србија, кога жителите од пограничните места во Македонија купуваа млеко иако е со повисока цена од српското.

Во одредени маркети може да се забележат празни рафтови на одредени производители на млеко. А, тоа млеко кое што го има во продажба, е со цени од 70 денари па нагоре. И со јогуртот е иста приказната – тешко е да се најде со цена под 70 денари. Цените на сирењето се исто така во постојан пораст – на кравјото сирење достигнува и до 450 денари, на овчото до 600 денари, на урдата пак и над 200 денари за килограм. Кашкавалот е уште поскап, на некои видови цената им е над 800 денари.

Тоа што ги плаши купувачите се вестите и од соседството, каде цените на млечните производи постојано одат нагоре, па така во Хрватска сирењето достигнува и до 50 евра за килограм.

Фармерите велат дека трендот на недостиг на млеко ќе се продлабочува бидејќи оваа гранка пропаѓа и дека многумина ја напуштаат таа дејност. Цените на сточната храна се многу високи, трудот е напорен, а откупната цена на млекото е четири до пет пати пониска од таа по која млекарите го продаваат од нив откупеното и потоа стерилизира млеко.

Од аспект на млекарите пак, вистината е на друга страна. Се жалат дека откупната цена на млекото во последните година дена е зголемена за 40 отсто во услови на општ скок на цените во сите производни сегменти и укажуваат дека се во очекување на најавените владини мерки за поддршка на бизнисот заради поеднаква позиција во синџирот на млекопрозводство.

Сојузот на синдикати на Македонија предупредува дека владата мора да преземе итни мерки за спас на граѓаните од скапотијата и го повторува барањето за раст на платите илустрирајќи го тоа со податокот дека во август за преживување на едно просечно семејство кое живее во стан од 50 метри квадратни му биле потребни најмалку 41.295 денари.

„Кога вредноста на таа минимална синдикална потрошувачка кошничка ќе се зголеми за 16.8% инфлација, тоа значат дополнителни 6.937 денари, односно 48.234 денари”, велат од ССМ.

Од Синдикатот притоа нагласуваат дека во пресметката не е ставен трошокот за еден ученик за набавка на потребните материјали за почетокот на учебната година кои според пресметките на ССМ изнесуваат околу дополнителни 6.000 денари.

„Животот на македонскиот работник и граѓанин станува прескап, работниците работат, а се сиромашни и не можат да си ги овозможат ниту основните прехранбени продукти за прехранување на нивното семејство. Ако овие податоци не се доволни за некој од креаторите на политиките веднаш да преземе мерки за помош и поддршка на работниците во овие моменти, гладни и сиромашни работници = социјалната револуција”, велат од ССМ.

Во август инфлацијата на годишно ниво стигна до 17 отсто. Прогнозите на Народаната банка се дека во наредните месеци на пазарот ќе има одредена стабилизација на цените, чиј раст изминатите месеци во голем дел е одраз на внесена инфлација во која голема улога има руско – украинската војна.

Поранешниот министер за финансии и член на Советот на Народната банка Никола Поповски смета дека инфлацијата почна да забавува.

„Добрата вест е што нивото на раст на инфлацијата забавува и од неколку проценти месечно, сега се намалува на 2, па на 1 процент месечно, со тенденција, веројатно, во текот на зимава уште малку да се задржи заради војната и снабдувањето со енергентите, а веќе од наредната година (март, април, кога и почна ценовното ниво да оди нагоре), да се намалува, односно да стагнира”, прогнозира Поповски.

Секој се надева ваквата прогноза и побрзо да се оствари. Но, би било добро кога би било остварливо цените на млекото, лебот, брашното, маслото за јадење и другите основни прехранбени производи да се вратат на нивото од февруари, пред почетокот на војната.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons