Изгаснат е пожарот кај Стара рампа, нема повредени 

Пожарот што денеска избувна кај Стара рампа спроти Тутунски комбинат е локализиран, и според привичните информации, нема повредени. Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески рече дека е спречено ширење на пожарот.

„Затекнат е пожар во разгорена фаза, брзо е интервенирано, направено е секторирање на објектот, спречено е ширењето на пожарот кон соседниот објект, останатиот дел е изгаснат брзо и ефикасно, интервенирано е со шест противпожарни возила и 20 пожарникари“, изјави Томевски.

Опожарени се околу 300 метри квадратни, а според Томески, нема повредени лица во пожарот.

„Во моментот нема лица внатре, нема повредени. Опожарени се околу 300 метри квадратни, отежнувачки фактор беше што од едната страна на објектот се наоѓа објект кој е во градба, ископ кој ни ја отежнуваше интервенцијата. На дуќанот нема оштетувања, тоа беше приоритет да се сопре пожарот да се шири кон дуќанот. Нема повредени пожарникари“, нагласи Томевски.

И градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потврди дека нема повредени во пожарот. Најави дека ќе се испитува чие е земјиштето и бараките што се изгорени.

Како што информираше, во тие бараки имало населено семејство на диво, но било отстрането од таму по неколку месеци.

„Ова е трет пожар откако сум јас градоначалник. Според досегашните информации, причината за трите пожари е иста, а тоа е диво вселени граѓани кои се причинители на самиот пожар. Во моментов она што го имам како информација, а дополнително во текот на денот ќе се произнесеме, е дека има сопственост на бараките и на земјиштето, има ДУП што е во важност и не гледам кои се причините за некој сам да си го пали земјиштето за да гради, доколку може да го урне истото и да гради“, рече Герасимовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons