Уставниот суд пресече, нема повеќе апанажа за разрешените функционери

Уставниот суд на Република Македонија денеска одлучи да го укине членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери. Ова значи дека во иднина сите разрешени функционери и оние кои само си поднеле оставка од функцијата нема да имаат право на надоместок (апанажа) како што тоа до сега беше случај.

Уставниот суд денеска реши дека откако одлуката ќе биде објавена во Службен весник секој пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен нема да ги има сите права како останатите функционери меѓу другото и право на надоместокот популарно наречен „апанажа”.

„Овој член според судот нема уставна оправданост. Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција. Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И затоа е донесена укинувачка одлука,одредбата е спротивна на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав, предвидена во членот осум“, соопштија од Уставниот суд.

Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга.

Оспорени беа 7 члена од Законот, од 19-25, но Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот.

Оваа одлука на Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе биде објавен во Службен весник.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons