Свет

Гром погодил авион на „Ер Србија“ на лет за Мостар, патниците безбедно слетале, но повратниот лет бил откажан

 на „Ер Србија“ бил погоден од гром за време на летот од Белград кон Мостар во петокот, 20 ноември, но безбедно слетал на предвидената дестинација. Поради задолжителните технички проверки бил откажан повратниот лет за Белград, а патниците кои требало да патуваат со него биле пренасочени на автобуски превоз.

Станува збор за летот JU634, додека повратниот лет JU635 требало да полета од Мостар во 15:15 часот. Од „Ер Србија“ за порталот „Херцеговина инфо“ потврдиле дека авионот бил погоден од гром поради неповолните временски услови во регионот. „Станува збор за појава што не е невообичаена во комерцијалниот авиосообраќај и за која современите патнички авиони се проектирани и сертифицирани“, соопштиле од компанијата, појаснувајќи дека по слетувањето бил неопходен детален технички преглед.

Директорот на аеродромот во Мостар, Марко Ѓузел, за „Бљесак“ изјавил дека пилотот го почувствувал ударот од гром, а авионот по слетувањето морал да го прегледа механичар. „Станува збор за чисто превентивна мерка. Не се случило ништо спектакуларно, но такви се процедурите“, објаснил Ѓузел. Според првичните информации, постоело сомневање дека громот го оштетил опашниот дел од авионот, но од авиокомпанијата не потврдиле дека настанало оштетување.

За патниците на откажаниот лет бил организиран автобус до Белград. Според сведоштво на еден од патниците за „Бљесак“, поаѓањето било планирано околу 18:30 часот, со очекувано пристигнување во Белград околу три часот по полноќ. Од „Ер Србија“ се извиниле за непријатностите и нагласиле дека безбедноста на патниците и екипажот останува нивен приоритет. Враќањето на авионот во Белград било најавено за сабота, по завршувањето на техничките проверки.

Меѓу патниците била и српската пејачка Александра Младеновиќ, која патувала кон Читлук за настап. По пристигнувањето во хотелот, таа на социјалните мрежи напишала: „Фала му на Господ што слетавме живи и здрави… Сè уште сум преплашена!“, пренесува српски „Телеграф“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons