Синодот на СПЦ одобри канонско единство со МПЦ-ОА! 

Светиот архиерејски Синод на Српската православна црква (СПЦ) денеска соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Синодот на СПЦ е највисокото црковно тело, составено од сите старешини на таа црква.

Според соопштението на СПЦ, со ова се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивното прекинување предизвикани од едностраното прогласување на автокефалност во 1967 година.

„Со воспоставување на единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целиот простор на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија, не само што е можен, туку е и наменски, легитимен и реален“, се вели во соопштението на СПЦ.

Ова е прво соопштение на Српската православна црква, откако на 9 мај Вселенската патријаршија објави дека МПЦ ја признава за канонската црква под името Охридска архиепископија, имајќи ја предвид областа на нејзината јурисдикција во границите на државата Северна Македонија.

Одлуката на Вселенската патријаршија не значи дека МПЦ-ОА доби автокефалност.

Македонската православна црква до 2022 година беше во раскол со сите православни цркви, откако во 1967 година еднострано прогласи независност.

Тоа значеше дека свештениците на МПЦ-ОА не можеа да вршат литургии и други обреди со свештениците од другите православни цркви.

Во соопштението на СПЦ се наведува дека „во дијалогот за нивниот иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се раководи само од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитичките“, „геополитичките“, „црковнополитичките“ и другите слични факти, или пак за еднострани иницијативи, и дека нема подлежат на ничие влијание или притисок“.

Синодот на СПЦ преку соопштението наведува дека нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората по решавањето на статусот.

Препораката до Синодот на Македонската православна црква е прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен дијалог со другите помесни православни цркви.

Три дена пред нечекуваното соопштение на Вселенската патријаршија, епископот Зворничко-тузлански Фотија Сладојевиќ, кој е член и на Синодот на СПЦ, изјави дека претставниците на СПЦ и МПЦ имале неодамнешна средба во Ниш, на која присуствувал и патријархот Порфиреј.

Тоа беше, како што рече Фотије на литургијата во Лопар во БиХ, „интересен дијалог на љубовта, верата и надежта“.

Сега сме тука на прагот, да го решиме“, рече Фотије.

И од МПЦ потврдија дека средбата се одржала во Ниш, но не соопштија повеќе детали.

Охридската архиепископија стана дел од Српската православна црква во 1920 година, а првите гласови за добивање автокефалност почнаа да се појавуваат набргу по ослободувањето на Југославија од фашистичкиот окупатор во 1945 година.

Дваесет и две години подоцна, Македонската православна црква прогласи автокефалност, која не ја призна ниту една православна црква.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons