Национални шуми по 13 години со нови цени, огревното дрво поскапо за 20 отсто

Управниот одбор на ЈП „Национални шуми“ го објави новиот ценовник за купување на огревно дрво, откако Владата го прифати на минатонеделната седница. Според истиот, цените се зголемени за 20 отсто во однос на претходните кои не се променети од 2009.

Најскапото и најквалитетното дрво – она од даб, се зголемува од 2.900 денари на 3.564 денари по кубен метар. Во Ценовникот поскапени се и другите огревни дрва – буката е 3.444 денари, јаворот е 3.204, тополата е 3.084 денари по кубик, итн.

Одлуката следува откако месецов Владата се реши за определување највисоката трговска маржа на 10 отсто како посебен услов во трговијата за: огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев. Истовремено забранет е и извозот на овие производи.

Поскапувањето следува иако во годишниот финансиски извештај на јавното претпријатие за 2021 е евидентирана добивка од 100 милиони денари. Треба да се напомене дека Владата лани интервенираше со субвенции за време на пандемиската година во приходите на „Национални шуми“.

„Овие цени за Национални шуми во овој момент не се финансиски исплатливи. Со овие цени ние работиме со загуба“, изјави претходно Валентин Груевски, в.д. директор на Национални шуми, кога јавното претпријатие се уште бараше дозвола од Владата за зголемување на цените.

Тие годинава планираат да произведат околу 400.000м3 огревно дрво, што е за 50.000м3 повеќе од лани. Но, годинава значително се зголемил и интересот на граѓаните да се греат на дрва, а директорот рече дека листата на чекање станува се подолга.

„Граѓаните се плашат и се создава страв дека можеби ќе нема струја, па тие што никогаш не користеле дрво, сакаат да набават. Дел од тие што набавувале одредена количина на дрво, извештаите се дека сакаат да земат дупло повеќе дрво. Во тоа може да настане одреден проблем во однос на тоа дали ќе има или не“, реле Груевски.Граѓаните, исплашени од висината на сметките поради повисоката цена на струјата, како и од тоа дали воопшто ќе ја има во зимските месеци, сè повеќе размислуваат за греење со дрва или со пелети.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons