МЛАКИ РАДИЈАТОРИ – ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА СТРУЈА: Граѓаните се жалат дека становите им се ладни 

Млаки па дури и ладни радијатори, но и загревање кое почнува премногу доцна, после седум или после седумипол часот наутро. Ова се најчестите поплаки од граѓаните кои пристигнаа во нашата редакција. Според жители на населбата Кисела Вода, како и Скопјанка и Ново Лисиче испораката на топлинска енергија е минимална, поради што становите остануваат ладни. Дополнително укажуваат дека радијаторите се стоплуваат многу доцна, после седум часот, па дури и после седумипол часот наутро, а тогаш веќе сите заминуваат во училиште или на работа па загревањето не им е треба. 

–  Очекувано беше да бидат радијаторите млаки, како и секоја година кога надвор е потопло. Сепак, годинава делуваат уште поладни од претходните години, па дополнителен проблем е што наутро мора да вклучиме клими бидејќи станот е ладен, а радијаторите почнуваат да се затоплуваат дури после седум часот, понекогаш дури и кога децата излегуваат за во училиште се уште немаме греење. Парното ни е потребно баш за тој период од денот, наутро, пред да излеземе за на работа или за во училиште, да е топло да се спремиме на раат. Вака мора да затоплуваме, кај даваме многу пари за загревање, плус пари и за струја – вели една скопјанка од Кисела Вода. 

Сепак, тие не се единствените, со ист проблем се соочуваат и жителите на Аеродром. Жителка на наслебата Скопјанка вели одсекогаш го имаат проблемот со доцното загревање на домовите. Смета дека радијаторите треба да се загреваат многу порано.

–  Пред многубројните турбуленции кои го зафатија парното греење, имаше испорака на енергија рано наутро, токму додека се спремаме пред да заминеме на работа, но денес веќе не е така. Сега непотребно ми испорачуваат топлинска енергија, дури откако сите ќе заминеме, а тогаш за кого. Треба повторно да почнат да работат како порано, да се загреваат домовите од пет часот, а после повторно може да го изгаснат, не мора цел ден да греат кога е топло – вели нашата соговорничка. 

Со сличен проблем се јави и жител на Ново Лисиче, кој пак потенцираше дека секоја година има разни дефекти во системот за испорака на енергија во нивната зграда, иако како што ни кажа е нова, честопати дел од становите се без греење.

–  Не само што се млаки радијаторите, се случува секоја година дефект, па немаат дел од становите греење, а дур дојдат екипите за проверка, па друга екипа за поправка поминува и цела недела. Па мораме да грееме дополнително, што се дополнителни трошоци. А тој период додека некој нема енергија, сметките не се намалени, на никого – посочува нашиот соговорник. 

Од ЕСМ Снабдување со топлина, компанија која е под капата на ЕСМ и која е надлежна за затоплување на домовите на Скопјани, за Фактор потенцираат оти испораката на толинска енергија преку системот за централно греење се одвива во согласност со одредбите од Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија и Правилата за снабдување со топлинска енергија одобрени од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. 

–  Овие подзаконски акти ја регулираат оваа проблематика и ги дефинираат условите и начинот на испорака на толинската енергија до крајните потрошувачи. Согласно регулативата, снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи е поврзано со висината на надворешната темература во различни периоди од грејната сезона во различни периоди од денот, при што како релевантни, се земаат податоците за надворешна температура од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија – велат од ЕСМ Снабдување.

Од компанијата додаваат дека со Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија е регулирано функционирањето на системот на различни надворешни температури, посебно за работни денови и викенд и празници. Тие се обемни и точно прецизираат правила за испорака на топлинска енергија во различни периоди од грејната сезона во различни периоди од денот.

–  За почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, регулиран е почетокот на испораката на топлинска енергија во утринските саати, како и прекините во испораката на топлинска енергија при сончево време и при облачно време, прекините на испораката при крајот на денот како и стартувањето на испорака на топлинска енергија при направените прекини. Имено, топлинската енергија се испорачува до крајните потрошувачи согласно измерените надворешни температури и од атмосферските услови во различни периоди во денот и мерењето се врши секојдневно – потенцираат од компанијата. 

Од ЕСМ Снабдување појаснуваат дека со ваквиот начин на испорака на топлинска енергија се обезбдува оптимална потрошувачкa на топлинска енергија со минимални трошоци за греење за потрошувачите. Потрошувачката на топлинска енергија во објектот се регистрира на мерилото во топлинската станица. Во периодите кога има испорака на топлинска енергија преку системот за централно греење, таа се регистрира на мерилото, додека во периоди кога нема испорака на топлина на мерилото не се регистрира енергија.

Од компанијата појаснуваат дека во текот на изминатиот период, АД ЕСМ активно работи на санацијата на цевководот кај мостот Беласица.

–  Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови на кои се прави инсталација. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите – посочуваат од компанијата.

Дополнително, велат од таму, на веб страната на ЕСМ Снабдување со топлина постојано се објавуваат ажурирани податоци во прегледот на моментално затворените објекти кај кои нема услови за испорака на топлинска енергија. Укажуваат оти потрошувачите, доколку имаат некаков проблем со снабдувањето со топлина можат да се обратат и во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075400100, со цел проблемот да биде детектиран и саниран.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons