Актуелно

Мицкоски: Германските компании не се само инвеститори, тие се партнери во трансформацијата на нашата македонска економија

Почитувани претставници на германската и македонската бизнис заедница,
Почитувани инвеститори, директори и претприемачи,
Почитувани министри,
Ваши Екселенции,
Почитувани претставници на стопанските комори,
Дами и господа,

Ми претставува особена чест што денес се обраќам на German-Macedonian Business Summit 2026, настан кој испраќа силна порака дека партнерството помеѓу нашите две земји не е само економска соработка, туку заедничка визија за иднината.

Темата на денешниот самит не е само современа тема. Таа е суштинско прашање за конкурентноста, продуктивноста и долгорочната стабилност на секоја економија која сака да биде дел од новата европска и глобална економска архитектура.

Живееме во време кога светот се менува со брзина каква што човештвото ретко памети. Денес, економската моќ не се мери само со природни ресурси, географија или големина на пазарот. Се мери со знаење, иновации, технологија, дигитална инфраструктура и способност за брза адаптација.

Токму затоа, ние како земја ја гледаме дигиталната трансформација не како избор, туку како национален приоритет.

Нашата цел е јасна — да изградиме модерна, ефикасна и конкурентна економија која ќе биде интегрирана во европските синџири на вредност и ќе создава можности за домашните компании, за младите луѓе и за идните генерации.

Германија за нас претставува повеќе од економски партнер. Таа е симбол на индустриска моќ, технолошки развој, дисциплина, иновации и стабилен економски модел кој со децении создава вредност и напредок.

Германските компании тука кај нас не се само инвеститори. Тие се партнери во трансформацијата на нашата македонска економија. Тие отвораат работни места, носат нови стандарди, нова корпоративна култура, технолошко знаење и практики кои го менуваат економскиот пејзаж на државата.

И токму затоа, нашата Влада останува цврсто посветена на создавање предвидлива, стабилна и про-бизнис средина.

Во изминатиот период презедовме сериозни чекори за стабилизација на економијата, подобрување на институционалната ефикасност и поддршка на инвестициите. Работиме на намалување на административните бариери, дигитализација на услугите, модернизација на инфраструктурата и создавање услови за побрзо и поефикасно водење бизнис.

Но, денес е јасно дека економскиот раст повеќе не може да се темели само на евтина работна сила или традиционални модели на производство.

Новата економија бара паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција, дигитални платформи, напредно производство, зелени технологии и постојано вложување во човечкиот капитал.

Затоа ние како Влада го отвораме патот кон економија базирана на знаење.

Нашата визија е да создадеме држава во која младите инженери, програмери, иноватори и претприемачи нема да мора да ја бараат својата иднина надвор, туку ќе имаат можност да создаваат дома — во модерна економија која ги вреднува нивното знаење и талент.

Инвестираме во дигитална инфраструктура, во модернизација на образованието, во дуалното образование, во технички и ИТ вештини, затоа што без обучен кадар нема успешна дигитална трансформација.

Свесни сме дека технолошката револуција отвора големи можности, но и сериозни предизвици. Во тој процес, партнерството со германската економија е исклучително важно.

Германските компании имаат огромно искуство во индустриската дигитализација, паметното производство, енергетската ефикасност и применетите технологии. 

Имаме млади, талентирани и амбициозни луѓе. Имаме стратешка географска позиција. Имаме потенцијал да станеме регионален центар за нови технологии, логистика, напредно производство и дигитални услуги.

Нашата задача како Влада е тој потенцијал да го претвориме во реален економски раст.

Затоа работиме на политики што ќе поттикнат иновации, стартап екосистем, истражување и развој, поврзување помеѓу универзитетите и индустријата, како и поголема поддршка за домашните компании кои сакаат да инвестираат во модерни технологии.

Истовремено, продолжуваме со инвестиции во патната, железничката и енергетската инфраструктура, затоа што современата економија бара стабилни и сигурни системи.

Почитувани присутни,

Денес повеќе од кога било е важно Европа да остане економски силна, технолошки конкурентна и индустриски стабилна.

Во време на глобални економски турбуленции, енергетски кризи и геополитички предизвици, потребни се нови партнерства, нова доверба и нова економска динамика.

Токму затоа, овој самит има големо значење.

Тој не е само место за дискусија. Тој е можност за конкретни партнерства, нови инвестиции и нови заеднички проекти.

Нашата порака е јасна: Сакаме да бидеме сигурен партнер, стабилна економија и држава која ги препознава и поддржува иновациите, технологијата и претприемништвото.

Затоа, денес од Скопје испраќаме порака дека иднината не ја чекаме — ја создаваме.

Со партнерство.
Со знаење.
Со технологија.
Со доверба.
И со јасна визија за модерна европска Македонија.

Ви благодарам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons