Магазин

Нови траги за живот на Марс: под површината можеби постои средина слична на Земјата

Штетен гас што продира низ пукнатините на Марс навестува дека под површината на Црвената Планета можеби тече магма, а можно е да постои и средина слична на оние на Земјата, во која би можеле да се создадат услови за живот, покажува ново истражување.

Европското вселенско летало „Егзомарс трејс гас орбитер“ (ExoMars Trace Gas Orbiter – TGO) забележало можен сигнал за истекување на хлороводород од пукнатини во областа Алба Монс, вулканот со најголема површина на Марс. Научниците сметаат дека овој гас би можел да потекнува од емисии на врела магма под марсовскиот реголит, односно растреситиот површински слој на почвата, пишува „Лајв саенс“.

Иако се потребни дополнителни истражувања за да се потврди испуштањето на овој гас, научниот тим претпоставува дека во областа Алба Монс би можела да постои средина слична на хидротермалните извори на Земјата, каде што, според досегашните сознанија, настанал животот и каде што сè уште опстојува.

Истражувањето, објавено во научното списание „Саенс адвенсес“, не е прво што укажува на можноста магма да тече под површината на Марс. Лендерот на НАСА „Инсајт“ (InSight) претходно годинава, врз основа на сеизмички набљудувања и модели, дошол до заклучок дека таа би можела да постои. Сепак, новите наоди се најсилниот доказ досега дека неактивните вулкани на Марс испуштаат гасови, изјавил Александар Трохимовски од рускиот Институт за вселенски истражувања, главен автор на студијата.

– Нашето истражување обезбедува дополнителен и потенцијално независен доказ за постоењето магма на Марс: набљудувања на атмосферата што откриваат можен траг од испуштање гас од подземен магматски систем – напишал Трохимовски во електронска порака за „Лајв санес“.

Европското летало го откри гасот, но од каде доаѓа?

Леталото ТГО првпат го детектирало гасот хлороводород во атмосферата на Марс во 2021 година, но научниците биле претпазливи во поврзувањето на ова откритие со вулканска активност.

Се чинело дека гасот се појавува сезонски, неговата распространетост не била ограничена на областа во која се наоѓаат можните вулкани, а не биле забележани ниту други показатели за присуство на вулкански гасови, како што е сулфурот, изјавил коавторот на студијата Кевин Олсон, гостински истражувач на Универзитетот во Оксфорд, кој ги проучува гасовите на Марс.

Меѓутоа, понатамошните истражувања покажале дека гасот не се појавува само во потоплите пролетни и летни месеци на јужната хемисфера на Марс, туку и во текот на зимата на северната хемисфера, навел Олсон.

– Успеав да забележам две мерења на почетокот на северната зима во текот на првата марсовска година од нашата мисија, како и едно мерење следната година. Овие мерења надвор од вообичаената сезона беа многу блиски по локација и време во двете години, што беше прилично изненадувачки. Потоа почнавме да подготвуваме посебна кампања со насочени мерења токму во тој период и на таа локација – рекол Олсон, додавајќи дека една марсовска година трае речиси две земјини години поради поголемата орбита на оваа планета.

Кампањата траела две марсовски години, односно приближно четири земјини години, и ја зголемила веројатноста дека научниците навистина регистрираат „вбризгување“ хлороводород во атмосферата од отвори во близина на вулканот, навел Олсон.

Научниците потврдиле дека овој гас се појавува и надвор од вообичаената сезона на северната хемисфера. Тие забележале „јасен и изразен сигнал“, кој потоа ослабува и паѓа под прагот на детекција на вселенското летало.

– Оваа неправилност повеќе укажува на краткотрајно испуштање гас во атмосферата отколку на вообичаени атмосферски хемиски процеси. Иако врската сè уште е хипотеза, во текот на четирите марсовски години набљудување видовме дека овој гас се појавува локално, и никаде на друго место – истакнал Олсон.

Даниел Меже, исто така коавтор на студијата и професор по планетарна геологија на Полската академија на науките, ги идентификувал пукнатините од кои би можел да излегува гасот.

Тој истакнал дека дополнителна тежина на истражувањето му даваат доказите собрани со помош на два различни инструмента – лендерот „Инсајт“ се наоѓал на површината на Марс, додека леталото TGO орбитирало околу планетата. „Инсајт“ регистрирал активност во кората на планетата, додека ТГО детектирал емисии во атмосферата.

Иако самата активност на магмата не е показател за постоење живот, Меже потсетил дека првите облици на живот на Земјата настанале во средини како хидротермалните подрачја, во кои постои слична комбинација на материјали и енергија каква што би можела да се најде во потенцијалните отвори на Марс.

Сепак, тој предупредил дека условите во таа област би морале да бидат поволни најмалку неколку милиони години за да може да настане живот.

– Ако овие услови се исполнети на локално ниво, во рамките на самите структури низ кои излегува гасот, тогаш живите организми би можеле да чекаат да ги откриеме. Сепак, не е сигурно дека стабилните услови можеле да се одржат толку долго на толку мал простор – изјавил Меже.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons