И УТРЕ ДА ЗАВРШИ ВОЈНАТА, ЦЕНИТЕ НЕМА ДА ЗАПРАТ – инфлацијата уште долг период ќе ни биде закана

Висок процент на инфлација, но и ризици кои може да доведат до уште поголемо поскапување, најави Народна банка во последната проекција за македонската економија. Во основното сценарио НБМ најавува дека инфлацијата годинава ќе достигне 8,8 отсто и истата ќе забави во втората половина од годината. Сепак поради ризиците кои се глобални, од централната банка не ја исклучуваат можноста поскапувањата да бидат уште поизразени, и оваа година да ја завршиме со инфлација од 9,8 отсто.

„Најновите оценки за растот на економијата се понеповолни под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Оценките се проследени со висока неизвесност. Главен извор на ризик претставува натамошната ескалација на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, воведување нови, построги санкции и евентуално дополнително влошување на економските односи меѓу Западот и Русија“, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Дека поскапувањата можат уште повеќе да се зголемат велат и познавачите на состојбите во земајва, кои укажуваат дека проекциите на Народна банка се реални, но дека ризиците се исто така високи, поради што поскапувањата ќе продолжат и во следниот период.

„Она што го посочува НБМ како проекција сигурно е реално, нема популизам во нивните извештаи. Народна банка проекциите ги прави врз основа на расположливи податоци, и сигурно се реални. Но, во светот и нашата околина има ризици кои никој не може точно да предвиди како ќе се развиваат во следниот период. Опасност дека состојбите може да се влошат има, и од тоа не можеме да избегаме. Тенденцијата на раст на животните трошоци нема да застане уште долг период. Дури и да заврши војната во Украина во следниве денови, или во многу краток рок, поскапувањето на пченицата, на храната ќе продолжи. Едноставно има тенденции кои не може да се прекинат. Зависноста од руски гас е многу голема, дополнително е притисокот од скапите енергенси, но и скапата храна која најверојатно ќе продолжи да поскапува. Житните култури, пченицата, пченката, јачменот, но и други основни прехрамбени продукти ќе продолжат да поскапуваат, тоа е тренд кој никој не може да го стопира“, укажува поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

Гувернерката на НБ посочи дека дополнителен ризик фактор за растот на економијата е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. 

Во исто време и понатаму има ризици кои се поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви, потенцираше гувернерката.  Ангеловска-Бежоска појасни дека затегнувањето на монетаранта политика во земјава се прави внимателно за да нема нагли промени кај активните каматни стапки.

„На глобалните финансиски пазари веќе одреден период има нагорно поместување на каматните стапки. Ние сме дел од глобалниот трговски и финансиски систем и тоа што се случува во глобалната економија има влијание и кај нас. Оттаму, како централна банка почнавме со затегнување на монетаранта политика, но тоа го правиме внимателно и поумерено со цел да нема нагли промени кај активните каматни стапки“, посочи гувенернерката.

Изминатиов период НБ во два наврати ја зголеми основната каматна стапка по 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons