Една третина од населението во Македонија купува и онлајн

Податоците на Светска банка, како што објави Народната банка, покажуваат дека населението во Македонија на возраст од над 15 години сè повеќе користи мобилен телефон или интернет за онлајн-купување. Во 2021 година, 30,5% од населението кај нас купува онлајн, додека во 2017 година овој процент изнесувал 16,9%. Сепак, тој сè уште е понизок во однос со земјите од Европа и Централна Азија. Кај младите од 15 до 24 години е забележан најголем пораст во 2021 година од 18 процентни поени на поседување и користење на кредитни и дебитни картички.

„Минатата година 85,3% од населението во земјава постаро од 15 години поседувало сметка, додека во регионот сме на второто место според финансиската вклученост. Сè повеќе наши граѓани поседуваат дебитна и кредитна картичка и сè повеќе се купува онлајн, сепак сè уште заостануваме зад европскиот просек. Ова го покажуваат најновите податоци на Светската банка од глобалната база на податоци Финдекс, коишто се однесуваат на 123 земји во светот (https://www.worldbank.org/en/publication/globalfindex)“, информира Народната банка.

Податоците на Светската банка покажуваат дека сè повеќе расте финансиската вклученост во земјава. Во изминатите пет години таа е повисока за 8,7 процентни поени. Во поблиското опкружување, Македонија е на второто место според финансиската вклученост, веднаш по Србија (89%). Сепак, во споредба со просекот на Европа и Централна Азија заостануваме за 4,7 процентни поени.

Согласно со податоците на базата Финдекс, се забележува пораст кај поседувањето кредитни картички кај нашето население за 5 процентни поени (22%) во 2021 година во споредба со 2017 година, како и кај користењето платежни картички за 6 процентни поени (43%), додека поседувањето дебитни картички е непроменето (53%). Македонија има повисок процент на користење дебитна или кредитна картичка во однос на Косово и Албанија, додека понизок во однос на Бугарија, Србија и Турција. 

„Финансиската инклузија е од особено значење за економскиот развој на една земја, оттаму една од стратегиските цели на Народната банка е обезбедувањето повисок степен на финансиска едукација и вклученост на населението. Донесена е и се спроведува првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто има за цел да обезбеди поголема финансиска инклузија во различни сегменти на финансискиот систем, поголемо ангажирање на регулаторните институции во однос на едукацијата и регулацијата, но и на приватните финансиски институции во однос на обезбедувањето поголема достапност и информираност за понудените финансиски услуги“, соопшти Народната банка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons