ЕВРОПА ВЕ ЧЕКА, ПОЧИТУВАНИ МАКЕДОНЦИ НЕМА СОМНЕЖ ДЕКА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ВАШ: Фон дер Лајен се обрати од собраниската говорница 

-Европа ве чека. Чекајќи и надевајќи се дека ќе направите уште ден чекор кон нашата Унија. Денеска сум овде, затоа што верувам дека ова е моментот да продолжите напред кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците во Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница.

Вашата држава, посочи Фон дер Лајен, е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите, како што рече, мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ.

Почетокот на пристапните преговори, посочи Фон дер Лајен, може да го направиме веќе следната недела, со преземање на првиот чекор од ревидираниот француски предлог.

– Сите сте свесни и запознаени со овој ревидиран предлог. Ги штити вашите интереси и ги зема предвид грижите на сите страни. Бидете уверени дека ЕК секогаш била покрај оваа држава, на ваша страна и продолжува да стои на ваша страна, порача Фон дер Лајен.

Почитувани Македонци, внимателно ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа. Затоа во ревидираниот предлог стои македонски јазик без квалификација од ЕУ, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање денеска пред пратениците во Собранието, во рамки на 80-тата пленарна седница.

Предлогот, нагласи Фон дер Лајен, го почитува исто така и вашиот национален идентитет.

–  Принципот на самоидентификација е особено важен за секој од нас. Може да сметате на мене како претседател на ЕК дека ќе осигурам процесот за пристапување строго да ги почитува европските принципи и стандарди, нагласи Фон Дер Лајен.

Добрососедските односи и меѓународната соработка, рече Фон дер Лајен, се дел од ДНК на европската интеграција.

–  Дозволете да ве уверам уште еднаш. Билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори, рече Фон дер Лајен.

Некои велат, нагласи Фон дер Лајен, би било подобро да се чека подобар договор од тој што го претстави Франција и секако дека тоа е ваше право да го направите.

– Но, размислете колку упорно се обидувавме да стигнеме до овде преку последователни претседателства Германија, Португалија, Словенија и сега Франција. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност, додаде таа.

Со отворањето на оваа врата, според Фон дер Лајен, сега Северна Македонија се зајакнува себеси со тоа што е во преговарачкиот процес наместо надвор од преговарачкиот процес.

За време на обраќањето на Фон дер Лајен пратениците од опозицијата извадија транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“ и други.ФОТО: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons