„КУЗМАН“ ЌЕ ПРИМИ 280 СТУДЕНТИ: Вселувањето се најавува за вториот семестар во 2027 година
Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје се очекува повторно да ги отвори вратите за студентите со почетокот на вториот семестар од академската 2026/2027 година. Реконструкцијата е во завршна фаза, а во обновениот објект ќе можат да се сместат 280 студенти, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Според министерката, досега се реализирани над 90 отсто од целокупната инвестиција, а по завршувањето на преостанатите активности домот ќе биде подготвен за прием на студентите.
„Попрецизно, со стартот на вториот семестар од академската 2026-2027 година, во домот веќе ќе има студенти“, изјави Јаневска во интервју објавено на 16 ноември.
За сместување во обновениот дом студентите ќе треба да аплицираат на конкурс што дополнително ќе го објави Министерството за образование и наука. Местата ќе бидат наменети за кандидатите што ќе ги исполнат пропишаните услови за сместување и престој.
Точниот датум за отворање на домот засега не е соопштен, ниту е прецизирано кога ќе биде распишан конкурсот. Не е објавена ниту цената што студентите ќе ја плаќаат за сместување во обновениот објект.
Претходно се очекуваше „Кузман“ да биде подготвен за студентите од 1 октомври годинава, а во август како можен рок беше посочен 1 ноември. Јаневска тогаш објасни дека по завршувањето на градежните работи е потребно да се спроведе и административната постапка за добивање употребна дозвола, по што ќе може да се организира приемот на студентите.
Реконструкцијата на студентскиот дом започна во април 2024 година и опфаќа обнова на санитарните јазли, електричните инсталации и просториите за учење, како и подобрување на безбедноста и енергетската ефикасност на објектот.
„Условите ќе бидат модерни, по високи европски стандарди за сместување, но и за енергетска ефикасност“, истакна Јаневска во претходна изјава за реконструкцијата на студентските домови.
Обновата на „Кузман Јосифовски – Питу“ е дел од програмата за реконструкција на државните студентски домови, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија и Германската развојна банка. Во рамките на истата програма, на крајот на септември беше пуштен во употреба реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, со капацитет за 1.150 студенти.



