Три дена по одземањето, МВР им ги враќа старите пасоши со важечки визи на граѓаните што поднеле барања за нови 

Македонските граѓани што имаат важечки визи во пасошите, но мора да ги сменат до февруари годинава, може да ги добијат назад старите пасоши три дена откако Министерството за внатрешни работи ќе им ги задржи. Тие ќе патуваат како и досега кога на пасошите им истекуваше важноста, а имаат важечки визи. Со себе треба да ги имаат и стариот пасош со визите и новиот.

„При фотографирање за нова патна исправа на граѓаните им се задржува старата. Меѓутоа, по одобрување на постапката, односно по 3 дена, граѓаните може да си ја подигнат старата патна исправа. При подигнување на новата патна исправа, старата патна исправа се уништува само во делот каде што се наоѓа чипот, делот каде што се наоѓаат визите останува ист. Во таков случај, граѓаните што имаат виза во старата патна исправа при патување, ќе треба да ги приложат двете патни исправи“, велат од Министерството за внатрешни работи за „Макфакс“.

Службите на МВР ги одземаат старите пасоши од сопствениците, нешто што досега не го правеа, за да спречат можни злоупотреби оти повеќето од документите сè уште имаат неистечен рок на важење, а се менуваат само поради обврската за патна исправа со новото име на државата.

Според податоците објавени на веб-страницата на Министерството за надворешни работи, на македонските граѓани им требаат визи за патувања во 114 земји во светот. За патувања во Африка, виза за македонските граѓани не бараат само Сејшели и Тунис, а за влез во другите 53 земји неопходна е виза. Од азиските држави виза на Македонците не им бараат Израел, Јапонија, Киргистан, Малезија, Сингапур, Тајван и Шри Ланка, а во другите виза е задолжителна.

На веб-страницата на Министерството стои дека Македонците без виза може да патуваат во повеќето земји од Европа, но без виза не може одат во Велика Британија, Ирска, Белорусија, Ерменија и во Русија.

Во Северна Америка визи не ни бара единствено Никарагва, а виза е задолжителна во Канада, Мексико и во САД. Во државите во Јужна Америка, пак, нашите граѓани без виза може да влезат во Аргентина, Барбадос, Бахами, Бразил, Гватемала, Еквадор, Ел Салвадор, Колумбија, Куба, Панама, Перу, Свети Кристофер и Невис, Хондурас и Чиле. Во другите 16 визата е задолжителна.

Македонските граѓани без виза не може да патуваат во сите 14 земји од Австралија и Океанија.

Сите македонски државјани имаат обврска до февруари в година да ги сменат пасошите и другите лични документи, кои треба да го имаат името Република Северна Македонија. Од Министерството за внатрешни работи велат дека досега се издадени над еден милион патни исправи.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера рече дека најдоцна до понеделник очекува во Скопје да се отвори нов пункт за издавање лични документи. Граѓаните се жалат дека за нови пасоши почнале да добиваат термини за фотографирање во јуни в година.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons