Македонија ќе ја води истрагата за инцидентот на авионот на „РајанЕр“
Иако авионот на „Рајанер“ со сериозно оштетен десен мотор и скршен прозорец слета безбедно во Солун, истрагата за инцидентот ја води Македонија, бидејќи настанот се случил во македонскиот воздушен простор, пишува Aero.rs.
Американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (НТСБ) соопшти дека назначил акредитиран претставник кој ќе ѝ помогне на Македонија во истрагата за сериозниот инцидент со летот на „Рајанер“.
Одлуката на НТСБ предизвика внимание, бидејќи авионот полетал од грчкиот аеродром „Македонија“ во Солун, таму се вратил по дефектот, а леталото и понатаму се наоѓа во Грција за детални технички проверки.
Сепак, според правилата на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) и Анекс 13, истрагата ја води државата над чија територија или воздушен простор се случила несреќата или сериозниот инцидент.
Според досегашните информации, проблемот на летот ФР1879 се случил над територијата на Македонија, поради што македонските власти се надлежни за водење на истрагата и донесување на конечните заклучоци, се наведува во текстот на Aero.rs.
Во истрагата, сепак, ќе учествуваат експерти од повеќе земји и компании. Грција ќе биде вклучена бидејќи авионот се наоѓа во Солун, каде ќе се проверуваат моторот, оштетениот прозорец, трупот и податоците од летот.
Малта ќе учествува како држава на регистрација на авионот и држава на операторот, бидејќи летот го извршувала „Малта Ер“, компанија од групацијата „Рајанер“.
САД се вклучени бидејќи станува збор за авион „Боинг 737“, произведен во Америка, а НТСБ ќе обезбеди техничка поддршка. Во анализата ќе учествуваат и производителот „Боинг“ и компанијата „ЦФМ Интернешнл“, која го произведува моторот ЦФМ56.
Истрагата треба да утврди што точно се случило за време на летот – дали прво дошло до дефект на моторот, кој дел се одвоил, како дошло до оштетување на трупот и поради што се скршил прозорецот во патничката кабина.
Фотографиите по слетувањето покажуваат сериозно оштетување на десниот мотор, додека снимките од кабината покажуваат скршен прозорец и активирани маски за кислород. Сепак, истражителите предупредуваат дека овие снимки не се доволни за конечен заклучок.
Ќе бидат анализирани податоците од црните кутии, разговорите во пилотската кабина, документацијата за одржување на авионот и моторот, како и сите пронајдени делови.
НТСБ нагласи дека, според меѓународните правила, сите официјални информации за текот на истрагата ќе ги објавува Македонија како држава која ја води постапката.
Конечниот извештај нема да го подготвуваат сите учесници заеднички, туку ќе го усвои и објави македонскиот истражен орган, пишува Aero.rs



