Краде и старо и младо, во џеб се пикаат сирења, салами и конзерви 

Трговците велат дека откако поскапи храната, немаат дерман од лепливите прсти и во просек барем еднаш дневно се соочуваат со вакви непријатни ситуации. Не помагаат ни камерите, посебното обезбедување, а во последно време и таканаречените „зуилки“ што се ставаат на баркодовите на поскапите артикли

Калапи сирење и кашкавал, путер, конзерви риба, чоколади и енергетски пијалаци се производите што најчесто се крадат од полиците на маркетите. Нема податоци за колкави количества станува збор и каде што завршуваат украдените производи, но дел од трговците за „Слободен печат“ откриваат прецизни податоци според кои изминатиот период се повеќе стари луѓе се решаваат да земат храна и да не платат. Дури ќе ви кажат и дека се работи за група граѓани меѓу 65 и 80 годишна возраст, кои ризикуваат и в џеб најчесто пикаат сирења, кашкавал и конзерви. 

Младите, пак, го имаат пикот на чоколадите и енергетските пијалаци. Трговците велат дека откако поскапи храната, немаат дерман од лепливите прсти и во просек барем еднаш дневно се соочуваат со вакви непријатни ситуации. Не помагаат ни камерите, посебното обезбедување, а во последно време и таканаречените „зуилки“ што се ставаат на баркодовите на поскапите артикли.

Најчесто на удар се отворените фрижидери во кои стојат сувомесните и млечни производи. Забележливо е дека од продавниците сосема исчезнаа предупредувањата „дека украдената стока се наплатува десеткратно“, оти тоа било незаконски, а и немало големо фајде од нив. Трговците додаваат дека меѓу крадците има и такви кои тоа го прават „од навика“. Од МВР за „Слободен печат“ велат дека немаат зголемен број пријави за кражби на храна по маркетите. 

– И претходно имавме кражби, ама тие зачестија по поскапувањето на храната и другите производи. Очите ни истекоа од гледање во камерите. Реагираме веднаш и најдобро е ако ги фатиме на самото место. Има и бркотници, особено ако ги соочиме со снимките и им кажеме дека ќе повикаме обезбедување или полиција. Тогаш се затрчуваат, па дури и ги прерипуваат рампите на касите – велат во еден скопски маркет.

Сопственик на еден поголем дуќан во Скопје се согласува дека сирењето е најкрадена стока.

– Имаме секакви случки, но забележливо е дека има постари луѓе што се решаваат да украдат. Баш пред некој ден фативме еден муштерија на камера со неколку калапчиња сирење и откако не признаваше му се заканивме дека ќе ги објавиме снимките и веднаш си плати – вели нашиот соговорник.

Од еден поголем трговски синџир, признаваат дека има инцидентни кражби, но велат дека повеќе не ги пријавуваат во полиција, особено ако се работи за паштети или месни нарезок… Сумите се мали и да дојде полиција да направи записник, нема голема корист.

– Вработените мора постојано да се на штрек. Камери има, но понекогаш и тоа не помага. Ако ги фатиме на самото место, ги носиме во канцеларија и најдобрата варијанта е ако платат – велат дел од трговците.

Големи проблеми со кражбите имаат вработените во продавниците за облека во трговските центри. Без разлика што на облеката има мали аларми, кои пиштат ако некој се обиде да го изнесе производот надвор од дуќанот, во соблекувалните често се наоѓаат скршени делови од овие апаратчиња.

– Си доаѓаат со мали клештички, ги кршат алармите, си се облекуваат, камери во соблекувалните не смее да се ставаат заради заштита на приватноста. Знаете ли што значи да ви земат чифт тренерки од некој познат бренд или скапа блуза? – прашува една продавачка.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons