Врабевски и Ковачев спречени да влезат во Македонија
Македонската гранична полиција не дозволила влез за петмина бугарски државјани кои денеска сакале да влезат во државата за да оддадат почит на паднати бугарски војници на гробиштата кај Ново Село.
Меѓу нив се и Милен Врабевски и европратеникот Андреј Ковачев. Како што дознава Сител, останатите тројца се извесни Венцислав Цачев, Ивајло Иванов и Ивајло Колев.
Сите добиле решение дека се прогласени за непожелни, односно за персона-нон-грата. Тие се сметаат за закана за јавниот поредок, националната безбедност и меѓународните односи на Македонија.
Ковачев на социјалните мрежи се пожали за третманот од македонските власти, па за панихидата објави стари слики.
-За жал фотографиите се од минатата година. Оваа година не бевме пуштени во РСМ, за да оддадеме почит на бугарските воени гробишта кај Ново Село. Тажно и нелогично однесување, напиша Ковачев.
Неколкумина бугарски државјани меѓу кои и провокаторот Ангел Џамбаски беа прогласени за персона-нон-грата уште во феврурари кога се чествуваше роденденот на Гоце Делчев.
Тоа решение, како што тогаш објави МНР, требаше да биде времено само за периодот на на прослава на роденденот на македонскиот херој, но три месеци подоцна македонската полиција повторно не им дозволи влез.
До подготовка на прилогот не добивме одговор од МНР за враќањето на петмината бугарски државјани од граничниот премин Ново Село.