Убиецот Урош Б. трчал и бегал цела ноќ, го фатиле на 80 километри од местото на масакрот

21-годишниот Урош Б., осомничен за масакрот кај Белград, побегнал од полицијата од селото во близина на Младеновац сè до селото Вињиште кај Крагуевац, кое е повеќе од 80 километри оддалечено од местото на масовното убиство. Потрагата по него траела цела ноќ, а на крајот пресуден бил повикот во полиција на таксистот кого убиецот го принудил да го вози, пишуваат српските медиуми. 

Урош Б. уби осум луѓе и рани 14, од кои дел се во сериозна состојба. Тој го започнал масакрот во селото Мало Орашје, кога по куса караница со луѓето кои седеле околу логорски оган во дворот на селското училиште, отишол дома и се вратил со автоматска пушка, по што отворил оган врз луѓето, меѓу кои имало и деца. 

Ладнокрвниот убиец не застанал тука, туку возел неколку километри до друго село, каде изрешетал четворица луѓе кои местеле капија во двор.

Според медиумите, тој се вратил во автомобилот и се упатил кон центарот на селото Дубона, каде уште еднаш отворил оган и убил уште двајца луѓе – полицаец кој не бил на должност и неговата сестра. Потоа Урош Б. избегал, запирајќи такси-возило, во кое го принудил таксистот да вози кон Крагуевац. 

Во потрага по него тргнале повеќе од 600 полицајци, помогнати од хеликоптерска единица. Полицијата ги пребарала сите куќички, напуштени куќи и скришни места во селата Дубона, Мало Орашје и Шепшин, каде што осомничениот можел да се сокрие.

Потрагата по него траела цела ноќ, полни осум часа. Како што пренесуваат српските медиуми, Вињиште билo под опсада од рано утрото, сѐ додека убиецот утрово не ѝ се предал на полицијата.

Нешто подоцна, уапсени се и неговиот дедо и вујко, во чиј дом се криел пред апсењето. Според жителите на неговото село, Урош Б. бил проблематично момче и насилник, а тој и членовите на неговото семејство со години правеле зулуми низ селото и ги убивале домашните миленици на соседите, а за тоа никогаш не одговарале. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons