Ќе следува ли банкрот? Трите најголеми енергетски компании лани имаа загуба од 70 милиони евра!!! 

Трите електроенергетски компании кои работат со регулирани цени (на ЕСМ му ја утврдува Владата, а РКЕ тарифата на Електродистрибуција и маржата на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме) лани имаат загуба која достигна речиси 70 милиони евра. Зошто се во загуба? Во најголема мерка затоа што произведуваат или купуваат по цена што е повисока од цената по која мораат да ја продаваат струјата. Кој ќе плати? Па сите ние, нема кој друг. Затоа што тие имаат регулирана цена и тој трошок мора да им биде покриен, а во спротивно ќе банротираат. Дали после ова имаме и малку простор да веруваме во новите тарифни групи кои Регулаторна комисија за енергетика ги нуди како спас, колку и да се тие правични и добри? Да не ни зборуваме за емпатијата кон македонските компании кои се оставени на милост и немилост на берзанските цени, нешто за кое неколку пати апелираше и Бранко Азески претседател на Стопанската комора, но никој од надлежните не мрдна со прст…

Дали и колку ќе поскапи киловатчас струја за домаќинствата? Топ тема во македонските медиуми и по таа аналогија и во домашната јавност. Секој сака да знае колку ќе му биде сметката за струја, а особено оние кои што во грејна сезона откако беа навлечени од популистичките мерки креирани од плитки анализи и купија инвертори и сега немаат алтернатива. А ги има доста и особено се концентрирани во главниот град Скопје.

„Фактор“ како и многу пати досега оваа актуелна тема ќе ја обработи аналитички со изнесување и обработка на финансиски податоци во реална рамка. Нашата цел е да дадеме објективен и аналитички издржан увид во финансиската неодржливност на актуелната состојба во која се наоѓаат енергетските компании кои работат по регулирани цени.

ЕСМ е државна компанија која произведува струја и има обврска да покрие над 60 отсто од потребите на струја за домаќинствата и микро фирмите. Лани цената што ја понуди на тендерот на компанијата за снабдување беше одобрена од Владата како нејзин единствен акционер. Цената за продажба беше околу 41 евро за мегаватчас. Иако неофицијално производната цена е за 20 евра повисока.
Минатата година ЕСМ ја заврши со загуба од 28,1 милиони евра, а заедно со 2020 година загубата што ја кумулира ЕСМ е 50 милиони евра. Каква цена ќе понуди на претстојниот тендер на универзалниот снабдувач ќе видиме наскоро, но тешко е веројатно дека таа ќе биде пазарна цена односно дека барем ќе може да ги покрива нејзините производни трошоци.

Електродистрибуција е дел од холдингот на ЕВН Македонија и е убедливо најголем дистрибутивен оператор во земјава. Цената за неговата услуга е регулирана, а ја утврдува РКЕ врз основа на трошоците на компанијата. Лани Електродистрибуција имала загуба од речиси 40 милиони евра, а приходите од продажба на услуги изнесуваат 166 милиони евра. Очигледно дека е неопходна промена на регулираната тарифа затоа што под ризик е банкрот за оваа компанија. Евентуалната промена на тарифата сигурно ќе значи зголемување на цената на услугата, а тоа ќе влијае и врз крајната цена на струјата.

Загуба за минатата година има и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоме“ кој особено последната грејна сезона беше под голем притисок од потрошувачи на кои други снабдувачи им раскинаа комерцијални договори. Ова е најголемиот снабдувач со струја во земјава кој лани имал приходи поголеми од 335 милиони евра. Ова друштво лани годината ја заврши со загуба поголема од 700.000 евра. ВО 2020 година загубата на ова друштво изнесувала 12 милиони евра. Овие бројки покажуваат дека бизнис моделот е дискутабилен и неодржлив и прашање е дали компанијата во иднина може да одговори на предизвиците и неизвесностите во овакво деловно опкружување.

Од горенаведеното е многу неблагодарно па дури и тешко веројатно да се кажува дека тарифните блокови ќе го амортизираат поскапувањето на струјата. Што доколку некоја од овие компании не може да издржи и прогласи банкрот?

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons