Свет

Апсење на десничари низ Германија, планирале упад во парламентот и државен удар (ВИДЕО)

Дваесет и пет лица се уапсени во рации низ Германија, поради сомнеж дека планирале државен удар.

Како што пренесува Би-би-си, германските медиуми пишуваат дека екстремни десничари и поранешни припадници на војската планирале упад во парламентот и преземање на власта.

Германец, кого го нарекуваат принц Хајнрих Осми (71), е означен како мозок на операцијата.

Меѓу уапсените се припадници на екстремистичкото движење „Граѓани на Рајхот“ (Reichsbürger), кои веќе некое време се на радарот на полицијата поради насилните испади и расистичките теории на заговор. Сојузните обвинители соопштија дека околу 3.000 полицајци извршиле претреси на 130 локации во 11 од 16 германски држави против поддржувачи на тоа движење.

Приведени се 22 германски државјани поради членство во „терористичка организација“, додека една руска државјанка е осомничена за поддршка на организацијата.

Припадниците на тоа движење одбиваат да ја признаат модерната германска држава.

Според извештаите, околу 50 лица се обвинети дека се припадници на групата која планирала да ја укине републиката и да ја замени со ново државно уредување, по примерот на Германија од 1971 година.

Пребарани се и касарни на германските единици на специјалните сили КСК во југозападниот град Калв. Единицата во минатото беше испрашувана поради наводна вмешаност на некои војници во крајната десница.

Покрај Германија, едно лице е приведено во австрискиот град Кицбил, како и во италијанска Перуџа.

Би-би-си наведува дека Сојузното обвинителство на Германија објавило дека оваа група го планирала насилниот државен удар од 2021, а дека поранешни припадници на војската исто така бил значителен дел од заговорот за пуч.

Меѓу нив имало и поранешни елитни војници од специјалните единици.

„Заговорниците веќе поставиле планови да владеат со Германија“, соопшти Сојузното обвинителство.

Како што се додава, членовите на оваа група наводно сфатиле дека своите цели можат да ги остварат само со „воени средства и насилство над претставниците на државата“, а тоа вклучувало извршување убиства.

Јавната телевизија ЗДФ јави дека поранешен член на крајната десница во долниот дом на Бундестагот исто така бил дел од заговорот и дека бил поставен за министер за правда на групата, а принцот Хајнрих како лидер.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons