Актуелно

Македонски студенти во финалето на меѓународна медицинска олимпијада во Узбекистан – веќе добија и специјално признание

Студенти од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постигнаа значаен меѓународен успех на третата медицинска олимпијада „Медицина на иднината 2026“, која од 29 октомври до 1 ноември се одржа во Ташкент, Узбекистан.

Македонскиот тим се пласираше во финалето на натпреварувањето, а како единствен меѓу учесниците го освои и специјалното признание „Награда за главен лик“, доделено од ректорот на Универзитетот „Централноазиски универзитет“, организатор на настанот.

На олимпијадата учествуваа 104 студентски тимови од 26 земји, со повеќе од 580 учесници. Настанот претставуваше меѓународна платформа за размена на знаења, проверка на практичните медицински вештини и претставување на идните генерации лекари.

Македонскиот тим, составен од студенти на Медицинскиот факултет во Скопје, предводен од Ана Ќупева, а под менторство на асистентот д-р Филип Наумовски од Катедрата за анестезиологија и реанимација, успешно го помина практичниот полуфинален дел и се пласираше во финалето.

Покрај натпреварувачкиот успех, македонските студенти го добија и посебното признание „Главен лик“, кое било доделено за нивната упорност, енергија, тимски дух и впечатокот што го оставиле кај организаторите и другите учесници.

„Ова признание има особена вредност, бидејќи покажува дека покрај знаењето и натпреварувачкиот успех, успеавме да оставиме и човечки белег и да ја претставиме нашата земја на начин на кој сите можеме да бидеме горди“, наведуваат од тимот.

Македонската екипа ја сочинуваа Ана Ќупева, лидерка на тимот, асистентот д-р Филип Наумовски, ментор и супервизор, како и студентите Филип Калаџиски, Петар Маџовски, Ненад Смилески и Зоран Трајкоски.

Успехот, како што посочуваат, е резултат на посветена подготовка, тимска работа и поддршка од академската заедница. Благодарност упатуваат до деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и до продеканите проф. д-р Јулија Живадиновиќ Богдановска, проф. д-р Марија Вавлукис, проф. д-р Симон Трпевски и проф. д-р Рубенс Јовановиќ, чија поддршка била значајна за реализацијата на учеството на тимот.

Благодарност упатуваат и до ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, за поддршката на студентските иницијативи и меѓународното претставување на Универзитетот.

Во стручната подготовка на студентите учествувал и проф. д-р Игор Алулоски од Катедрата за гинекологија и акушерство, додека менторството и координацијата на тимот ги водел асистентот д-р Филип Наумовски.

Олимпијадата им овозможила на студентите да го применат стекнатото знаење во практични и симулирани клинички сценарија, да ги проверат своите способности во меѓународна конкуренција и да воспостават контакти со идни медицински професионалци од различни земји.

Од тимот посочуваат дека успехот има значење поголемо од освоеното признание. Во конкуренција на тимови од десетици земји, македонските студенти имаа можност да ги претстават своето знаење, подготвеност и практични способности пред меѓународната академска заедница и да го претстават Медицинскиот факултет, УКИМ и Македонија на настан надвор од европските граници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons