МРТ најавува враќање на „Македонски Идол“ и „Икс Фактор“
МРТ се подготвува за враќање на големи светски телевизиски формати, меѓу кои „Х Фактор“ и „Македонски идол“, со кои јавниот сервис ќе тргне во потрага по нови музички таленти и идни ѕвезди.
Уредникот на Првиот програмски сервис, Стојан Трпчевски најави дека се договорени три светски формати, а два од нив ќе бидат посветени на музичките таленти.
„Македонски идол“ ќе биде насочен кон откривање нови пејачи и нови музички приказни.
„Имаме огромен музички потенцијал. На аудициите ќе бараме нови приказни и нови пејачи“, изјави Трпчевски.
На програмата на МРТ ќе се најде и „X Фактор“, формат во кој, покрај добриот глас, од натпреварувачите ќе се бара да поседуваат и сценска харизма, храброст и способност да ја освојат публиката.
„Ова е формат за оние кои можат да се појават на сцената и веруваат дека еден обичен сон може да стане голема сцена. За овој формат не е потребен само добар глас, туку малку повеќе од тоа, а ние ќе го бараме токму тој X Factor“, посочи тој.



