Над 50 милиони Американци веќе гласаа на меѓуизборите
Рекорден број Американци гласаа предвреме, додека двете партии ја водат кампањата во пресрет на изборите во вторник.
Предвременото гласање на меѓуизборите (изборите за Конгресот на САД) во 2026 година бележи голем пораст, при што до неделата повеќе од 50 милиони Американци веќе го дале својот глас, покажува анализата на Универзитетот на Флорида, пренесува Ал џезира.
Повеќето од 50-те американски сојузни држави овозможуваат лично предвремено гласање, додека сите дозволуваат гласање по пошта. Околу 23 милиони луѓе гласаа по пошта, начин на гласање што американскиот претседател Доналд Трамп безуспешно се обиде да го ограничи пред изборите.
На два дена пред изборниот ден во вторник, најновите анкети на национално ниво покажуваа поддршка од 51,5 отсто за демократите и 43,1 отсто за републиканците.
Царинската политика на претседателот и неговата одлука заедно со Израел да започне војна против Иран ѝ нанесуваат штета на неговата Републиканска партија. И двете политики се посочуваат како фактори што придонеле за кризата со трошоците за живот.
Зошто толку многу Американци гласаат предвреме и како функционира тоа?
Колку Американци веќе гласаа?
Предвременото гласање им овозможува на американските граѓани да го дадат својот глас пред изборниот ден.
Според американската влада, во повеќето сојузни држави граѓаните можат да гласаат лично пред изборниот ден, со посета на определени избирачки места. Сите држави овозможуваат гласање по пошта, при што регистрираните гласачи можат да ги добијат и да ги испратат своите гласачки ливчиња по пошта до изборниот ден.
Бројот на државите што овозможуваат лично предвремено гласање се зголеми од 24 во 2000 година на 47 во 2026 година, плус Вашингтон. Сепак, периодите за предвремено гласање, условите за учество и процедурите значително се разликуваат од држава до држава.
Годинава, од околу 210 милиони регистрирани гласачи, до неделата во 6.56 часот наутро по источноамериканско време (11.56 часот по Гринич), предвреме гласале 53,14 милиони, според анализата на Универзитетот на Флорида. Од нив, 29 милиони гласале лично, а 23 милиони по пошта.
На меѓуизборите во 2022 година предвреме гласале 46 милиони луѓе.
Годинава поголем интерес за предвремено гласање покажале демократите. Според анализата на универзитетот, предвреме гласале повеќе од 11 милиони регистрирани демократи, наспроти околу осум милиони регистрирани републиканци.
Во кои држави е забележан најголем пораст на предвременото гласање?
Предвременото гласање особено се зголеми во Тексас, една од клучните држави во изборната битка, каде што повеќе од седум милиони луѓе веќе го дале својот глас. Тоа е за над 1,5 милиони повеќе отколку на меѓуизборите во 2022 година, покажува анализата на Универзитетот на Флорида.
Според анализата на Асошиејтед прес, во Јужна Каролина, каде што Трамп победи со предност од речиси 18 процентни поени во 2024 година, предвременото гласање се зголемило за 83 отсто во споредба со истиот период во 2022 година. Во оваа држава годинава се избираат нов гувернер и претставник во американскиот Сенат.
Во Канзас, каде што републиканскиот сенатор Роџер Маршал се соочува со демократскиот кандидат и методистички свештеник Адам Хамилтон, предвременото гласање е зголемено за 34 отсто, односно досега се дадени приближно 83.000 гласа повеќе отколку во истиот период пред четири години, објави АП.
Во Мејн, каде што републиканската сенаторка Сузан Колинс се соочува со поранешниот претседател на државниот Сенат, демократот Трој Џексон, предвременото гласање е зголемено за 44 отсто.
Во Мичиген, пак, се регистрирани приближно 409.000 предвремени гласови повеќе отколку во истиот период во 2022 година, што претставува зголемување од 32 отсто.
Зошто Американците гласаат предвреме?
Според Центарот за демократија и граѓанско учество при Универзитетот на Мериленд, постојат многу причини поради кои Американците се одлучуваат за предвремено гласање.
Една од нив е практичноста, бидејќи на некои гласачи им е полесно да гласаат пред изборниот ден. Други се поттикнати да гласаат предвреме преку кампањите за мобилизација на гласачите.
„Многу гласачи велат дека гласаат предвреме поради вознемиреноста поврзана со изборите или затоа што сакаат што поскоро да завршат со тоа, односно да пречкртаат уште една обврска од списокот“, наведуваат од центарот.

Оттаму додаваат дека дел од гласачите избираат предвремено гласање од општествени или културни причини. Како пример ги посочуваат иницијативите како „Забави на избирачките места“ и локалните прослави поврзани со гласањето, чија цел е да создадат попразнична атмосфера на одредени избирачки места, особено при личното предвремено гласање.
Иако бројките за предвремената излезност не покажуваат за кои кандидати гласале избирачите, ниту какви ќе бидат конечните резултати, демократската експертка за политичка стратегија Селинда Лејк минатата недела за Ал џезира изјави дека многу гласачи бараат промени.
„Имате многу гласачи што велат: ‘Ќе се обидам со последен, очајнички потег да донесам промена, но се надевам дека навистина ќе направите нешто’“, рече таа.
„Сите навистина сакаме подобра иднина за сите, особено за следната генерација“, изјави еден млад гласач за Ал џезира.
Друг млад гласач ги посочи социјалните мрежи како причина за зголемениот интерес за изборите.
„Дефинитивно социјалните мрежи. Социјалните мрежи и медиумите го ставија гласањето во центарот на вниманието“, рече тој.
Што кажа Трамп за гласањето по пошта?
Трамп постојано ја доведува во прашање безбедноста на гласањето по пошта, кое им овозможува на граѓаните да гласаат пред изборниот ден. Иако и самиот повеќепати гласал по пошта, Трамп се повикува на веќе побиени тврдења за широко распространети изборни измами поврзани со овој начин на гласање.
Гласањето по пошта постои со децении, а истражувањата покажуваат дека придонесува за зголемување на излезноста. Во моментов, приближно една третина од сите гласови во САД се даваат по пошта.
Во осум сојузни држави, државните и окружните власти испраќаат гласачки ливчиња на домашните адреси на сите регистрирани гласачи, кои потоа треба да ги вратат по пошта пред определениот рок.
Во останатите држави гласачките ливчиња им се испраќаат само на регистрираните гласачи што ќе ги побараат.
Гласачите можат да ги вратат ливчињата и преку официјални кутии за собирање гласачки ливчиња. Во некои држави тие мора да пристигнат до изборниот ден, додека во други може да бидат преброени и ако пристигнат подоцна, под услов да се испратени најдоцна на изборниот ден.
Осум сојузни држави, од кои неколку традиционално наклонети кон демократите – Калифорнија, Колорадо, Хаваи, Невада, Орегон, Јута, Вермонт и Вашингтон – како и федералниот округ Колумбија, дозволуваат изборите целосно да се спроведуваат по пошта.
Други држави дозволуваат помали избори да се одржуваат на овој начин.
Трамп лажно ја припишува својата загуба на претседателските избори во 2020 година на измами при гласањето по пошта. Тој и неговите поддржувачи се спротивставуваа и на промените воведени за време на пандемијата на ковид-19, со кои се прошири можноста за гласање по пошта.
Во март Трамп потпиша извршна наредба со која ѝ наложи на американската поштенска служба да преземе контрола врз гласањето по пошта, преку изработка на нови пликови со посебни баркодови што би ѝ овозможиле на федералната влада да проверува дали гласачките ливчиња потекнуваат исклучиво од лица со право на глас.
За меѓуизборите, оваа мерка би значела дека сите сојузни држави ќе мораат за кратко време да воведат единствен изглед на пликовите.
Демократите и активистите ја оспорија наредбата пред повеќе судови, што доведе до низа спротивставени судски одлуки од мај до август.
Меѓутоа, минатиот месец Врховниот суд го отфрли барањето на Трамп ограничувањата за гласањето по пошта да се применуваат пред овомесечните избори.



