Мицкоски: Последните година дена се креирани над 15.000 нови работни места
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на ново исплатената транша како поддршка кон домашните компаниите, ефектите во економијата во смисла на нови работни места, отворање нови делови од тие компании, изјави:
„Па, во последните година дена се креирани повеќе од 15.000 нови работни места. И доаѓаме до една состојба којашто во моментот е околу 710.000 вработени и под 90.000 невработени, коишто се пријавени. Ако во тие под 90.000 невработени имаме, да речеме околу 30.000 земјоделци. Невработените се водат како работоспособно население од 15 до 65, тоа се две генерации 15 и 16 години, средношколци, а средното образование е задолжително, ќе дојдеме до бројка од отприлика, не повеќе од 35-40.000 невработени, што претставува некаде под 5% од работоспособното население. И ова е историски најниско ниво, од било кога, од кога постои независна Македонија.
Што е резултатот од ваквата поддршка на Владата, значи поголема инвестициска активност. Ние шест квартали по ред растеме реално со 3,5%. Ако се погледа номиналниот бруто домашен производ за 2026, не според Владата, не според Христијан, според Меѓународниот монетарен фонд, ќе биде околу 22 милијарди долари. И кога овој период на оваа Влада, ќе се спореди со периодот на претходната Влада, за 3 пати е поголем растот на номиналниот бруто домашен производ, во услови кога бруто домашниот производ во рамките на Еврозоната расте под 1%. Тоа е разликата и тоа се емпирија, тоа се работи што се споредуваат. Ние не можеме сега да споредуваме работи што не се споредуваат. Или да зборуваме на основа на тоа што ние го замислуваме, ова се бројки. И тоа е резултат на ова инвестициска активност од страна на Владата, не само поддршката кон стопанството преку субвенционираните кредити, каде што каматната стапка е под 2%, 1,95%, туку и преку овие проекти, еден од тие проекти е и овој којшто го гледаме тука. Такви имаме повеќе од 1.200 во моментот, значи 1.200 градилишта се случија само во последните 2 години, проекти коишто се директно за заедницата преку локалната самоуправа. И тука Владата не бираше дали се тоа градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ или од владината коалиција, во сите општини, под еднаков критериум се инвестира. И ценам дека овој проект којшто досега акумулираше приближно над половина милијарда евра, прилично доста влијае во целиот овој процес.“



