Маслинко: Одиме на две победи против Естонија и Полска
Најкорисниот кошаркар на завршниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ за 2025 година, Андреј Маслинко, воопшто не се сомнева во способностите на своите соиграчи кои ќе ја разигруваат најдобрата македонска репрезентација на претстојните два натпревари против Естонија и Полска.
Маслинко вели, тандемот Ненад Димитријевиќ – Ти Џеј Шортс ќе придонесе во целта, пласман на Европското првенство.
– Одиме на две победи. Двете репрезентации ни се познати. Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки сега сме доста подобри. Имаме двајца плејмејкери кои можат да играат со топката.
Малку сме послаби на центарски позиции, меѓутоа ќе се обидеме да надополниме на тоа. Секогаш сум тука за Македонија – вели Маслинко.
На 21 февруари нашите најдобри кошаркари ќе гостуваат кај селекцијата на Естонија, а три дена подоцна ќе ја пречекаме Полска.