ЦИГАРИ, НАКИТ, ОБЛЕКА, ПАРФЕМИ – Цариниците со полни раце работа, спречен и шверц на мигранти
Непријавена облека, парфеми, накит, чанти, но и мигранти скриени во товарните делови пронашле цариниците изминативе денови. Како што соопштуваат од Царинската управа, мобилни тимови и царински службеници на граничните премини спречиле неколку обиди за криумчарење на поголема количина облека, цигари, нови екрани за мобилни телефони, но и употребувани хардверски делови. Спречен е и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне откриени при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење.
Царински службеници на влез на граничен премин Табановце и на граничен премин Богородица во три случаи спречиле обид за криумчарење на 442 парчиња облека.
– Во првиот случај при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, во патни торби и куфери сместени во багажникот и на задното седиште, пронајдени се 326 парчиња облека. При контрола на автобус кој сообраќал на релација Женева – Битола, управуван од македонски државјанин, во навлака за костум сместена на задните седишта пронајдени се 11 парчиња машка облека. Дополнително, при контрола на камион со косовски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, на влез во државата на граничен премин Богородица царински службеници открија непријавени 105 парчиња облека. Против сторителите ќе бидат поведени прекршочни постапки, се вели во соопштението од Царинската управа.
Разни производи меѓу кои женски чанти, паричници, тоалетни води, бижутерија со вкупна вредност од 193 илјади денари биле откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на водичот на автобусот, инаку македонски државјанин, биле пронајдени во кеси сместени во просторот за багаж над патничките седишта, пред предните седишта и до возачкото седиште.
Како што информираат од Царинската управа во четири случаи спречен обид за шверц на 67 штеки цигари и пет штеки со патрони за електронски цигари.
Осумнаесет штеки цигари без акцизни маркички се откриени од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на цистерна со македонски регистарски таблички управувана од македонски државјанин, пријавена за влез во државата на граничниот премин Богородица. Цигарите се пронајдени во просторот за филтерот за воздух и во торба сместена на горниот кревет во кабината, велат од Управа.
Оттаму додаваат дека 12 штеки цигари и 32 килограми маџун без акцизни маркички биле откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција наменета за македонски увозник. Непријавените производи биле пронајдени во просторот под креветот за спиење и во фабричка празнина под тапацирот во горниот дел од кабината.
При контрола камион со чешки регистарски таблички управуван од чешки државјанин, пак, помеѓу лични предмети и облека на горниот кревет и во фабрички прегради во горниот дел од кабината, пронајдени се 21 штека цигари и пет штеки со патрони за електронски цигари.
Исто така, 16 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на автомобил со словенечки регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари биле пронајдени во багажниот простор и под предните седишта на возилото.