Јапонија и НАТО ја зајакнуваат воената соработка 

Официјални лица од Јапонија и воената алијанса на НАТО денеска се договорија да ја зајакнат воената соработка и да го зголемат изведувањето на заеднички воени вежби, поради загриженоста дека руската инвазија на Украина го нарушува безбедносното опкружување во Европа и Азија.

Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши на почетокот на средбата со претседавачот на Воениот комитет на НАТО Роб Бауер изјави дека Јапонија сака да ги зајакне врските со европските земји. Тој додаде дека Јапонија го поздравува поширокиот ангажман на НАТО во Индо-Пацифичкиот регион.

„Безбедноста на Европа и Азија се тесно поврзани, особено сега кога меѓународната заедница се соочува со сериозни предизвици“, рече Киши.

Јапонското Министерство за одбрана објави и дека јапонски и американски борбени авиони извршиле заеднички вежби над Јапонското Море.

Кабинетот на премиерот Фуми Кишида одобри план со кој се предвидува зајакнување на одбранбените способности и зголемување на буџетските средства за одбраната во следните пет години.

Како причини се наведуваат зголемените тензии во врска со Тајван и посветеноста на земјите од сојузот на НАТО да потрошат два отсто од бруто домашниот производ за одбрана. Јапонија моментално троши нешто повеќе од еден процент од БДП за одбрана.

Планот предвидува развој на способности за превентивни напади и развој и зајакнување на вселенската, сајбер и електромагнетната одбрана.

На состанокот со американскиот претседател Џозеф Бајден минатиот месец, Кишида изрази решеност да ги зголеми одбранбените способности на земјата.

Покрај сојузите со САД и другите земји од Индо-Пацифичкиот регион, Јапонија веќе извесно време ја зајакнува воената моќ и соработката со европските земји, поради можните закани од страна на Кина.

Премиерот Кишида е поканет на самитот на НАТО кон крајот на јуни. Доколку присуствува, Кишида ќе биде првиот јапонски премиер што ќе го стори тоа. Во мај, јапонскиот началник на генералштабот Коџи Јамазаки присуствуваше на состанокот на колегите од земјите на НАТО одржан во Белгија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons