Шпагетите и макароните од утре со замрзната цена, најверојатно и млечните производи
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека и цената на шпагетите и макароните се замрзнува. Најверојатно на таа листа ќе се најдат и млечните производи, но министерот напомена дека до утре наутро ќе почека да види колку самите производители и увозници ќе ги намалат цените. Рече дека потоа со премиерот Ковачевски ќе информираат какви одлуки ќе донесат и кои цени ќе се замрзнат.
„Во комуникација сме со производителите на млечни производи, ги известив дека до утре ќе чекаме нивни одлуки. Во случај ако се примети дека нема намалување ќе донесеме ние како Влада мерка. За тестенините, и со нив сме во комуникација, сами покажаа интерес и таму намалувањето ќе биде многу големо, така што ќе бидеме поконкурентни во регионот“ изјави Бектеши.
Белиот и полубел леб беа први на листата со замрзнати цени, и од минатата недела се продаваат по цена од 33 денари.
Производителите револтирани два дена не испорачуваа леб по маркетите, а најавија и тужба за загубите кои ги претрпеле.
Бектеши рече дека очекувал две, а не една тужба.
„Јас очекував две тужби. Една за прекршочни што добија, а втора е само за да го покријат загубите. Слободно нека тужат ја сум убеден дека вистината е на наша страна“ истакна тој.