АСОМ: Новиот закон за игри на среќа ќе поттикне играње на црно 

Сива економија, крах на една индустрија и играње игри на среќа на црно, ќе предизвикаат новите измени на Законот за игри на среќа и забавни игри на автомати, оценуваат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ).

Тие на денешната прес-конференција побараа отворена јавна дебата со цел да се донесе соодветно законско решение кое ќе овозможи соодветно функционирање на оваа дејност.

„Индустријата за игри на среќа вработува повеќе од 10.000 вработени директно, а индиректно преку 54 000 луѓе обезбедуваат приходи од работењето на оваа стопанска гранка. Негативите ефекти ќе се одразат најмногу врз вработените и врз приходите во буџетот на државата, кои според наша проценка се движат некаде преку 250 милиони евра на годишно ниво. Затоа уште еднаш ќе потенцираме дека за вакво законско решение е потребно да се отвори јавна расправа, односно дебата со сите институции кои се задолжени за носење на вакви закони како би се овозможило индустријата да ги изнесе сите факти“, изјави Васко Илијевски, претседател на Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.

Во однос на предлогот за дислоцирање на спортските обложувалници тој рече дека постојат други решенија.

„Дистанцата е јасно дефинирана во членот 21 од Законот, каде што пишува дека влез за малолетни лица е забранет. Јасно законодавецот предвидел кој може да учествува во игрите на среќа и сметаме дека тоа е доволна мерка која може да се подобри во насока доколку смета законодавецот да се зголеми казната, да се вклучи и другата страна на процесот доколку е затекнато на самото уплатно место, тука се мисли за малолетникот, родителот старателот, заштитата преку забраната на странските сајтови и она што како препорака го имавме работа на едукативни програми да помогнат на играчите да ја разберат услугата која ја нудат понудувачите на игрите“, посочува Илијевски.

Меѓутоа, од здружението „Антикоцкари“ не се согласни со ваквите ставови и велат дека казните не покажале никаков ефект, односно дека не се почитуваат забраните за влез во објектите.

 „Не знам зошто не им одговара дистанца, не се работи за затворање, треба да разјасниме некои работи и зошто на нив им смета оваа дислокација. Сме ги слушале тие приказни за едукации, дека постојат психолози, дека не се доозволува да влегуваат деца, но тоа нема никаков ефект, единствено решение е дислокација“, вели Џемал Абдиу, од движењето „Антикоцкари“.

Тој вели дека тоа го покажал случајот во кој добитник на награда е 15 годишник од Тетово.

„Треба да се дислоцираат на три километри или да се затвораат. Да се помират со овие измени, да не се врши притисок и да сфатат дека животот не е коцка парите не се центар на светот. Не се почитува влезот на малолетници и самите се свесни дека не се почитува тоа“, додава Абдиу.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии, во кој се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри, беше утврден минатитот месец. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons