ССМ за законските измени за коридорите: Државата сака да ги направи работниците робови и роботи

Сојузот на синдикати на Македонија денеска излезе со реакција за предложените законски измени поврзани со изградата на автопатите на коридорите 8 и 10 -д, а кои во понеделник треба да се најдат на собраниска седница и да се усвојат по скратена постапка

Од ССМ ги повикаа пратениците сериозно да размислат пред да го дадат својот глас за, како што наведуваат, катастрофланите предлози за измени на закони по работничките права.

-Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела“, се наведува во реакцијата од ССМ.

Според нив, Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации. На тој начин, додаваат од ССМ, не само што ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани кои се даночни обврзници во странски компании, туку сака и да им овозможи на овие компании, како „Бехтел и Енка“, да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.

-Спротивно на принципите на меѓународното трудово право, конвенциите на МОТ, одлуките на Уставниот суд кој детално се произнесе по тие прашања и ги прогласи за неуставни одредбите од Законот за градба на автопатиштата од страна на ‘Бехтел и Енка’ каде што спротивно на сите правни правила и спротивно на здравиот разум сакаа тие работници да работат по 60 и повеќе часови, како и тоа што го апсолвираше прашањето за уставноста на одредбите на Законот за работните односи со кои недела е неработен ден, за пратениците предлагачи овие Одлуки на Уставниот суд се ништо повеќе од тоалетна хартија и на мала врата по нивен предлог во понеделник, пратениците од владеачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго,стои во соопштението од ССМ.

Од Синдикатот велат дека еднаш веќе го имаат оспорено законот и е укинат пред Уставниот суд.

-Национален и стратешки интерес на државата треба да биде да има здрави и добро платени работниците, да ги задржи работниците дома, а не да им дава билет во еден правец надвор од Државата, зошто без работниците и граѓаните нема ниту пратеници, министри и функционери, а нема ниту држава, порачуваат од ССМ.

Пратениците на седница в понеделник ќе расправаат за предлог измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons