Актуелно

Со багери откопана закопана дрога кај Босилово: Кривична за тројца, организирале набавка и продажба на кокаин

Кокаин закопан во земја бил пронајден и одземен во струмичко, откако полицијата ја лоцирала местоположбата каде што била скриена дрогата. Според соопштението, дрогата била ископана со помош на работни машини.

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против три лица, И.Ѓ. на возраст од 26 години од селото Ново Конско, гевгелиско, П.Ч. на возраст од 33 години од Гевгелија и В.С. на возраст од 51 година од Струмица.

Тие се сомничат за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

Според полициското соопштение, првопријавениот И.Ѓ. ја организирал набавката на кокаинот. По претходен договор со П.Ч., тој го ангажирал да ја пренесе дрогата со неговото возило до третопријавениот В.С.

Откако кокаинот бил доставен до В.С., тој, како што наведува полицијата, „го сокрил, односно го закопал во земја“ на место викано „Топо“, во атарот на селото Босилово, струмичко.

По добиени сознанија и преземени службени дејствија, полициски службеници од СВР Струмица ја пронашле локацијата каде што била закопана дрогата. Со помош на работни машини, кокаинот бил ископан, изваден и одземен од В.С.

Од СВР Струмица информираат дека пријавата е поднесена до надлежното обвинителство, кое треба да постапува по случајот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons