Силен земјотрес во близина на Пиза, Кривата кула не е оштетена
Подрачјето околу Пиза во централна Италија денеска беше погодено од земјотрес, поради што многу жители во страв излегоа на улиците. Според првичните информации, нема повредени ниту е причинета материјална штета.
Италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ) соопшти дека земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот бил регистриран околу 10:15 часот, на седум километри од Пиза, на длабочина од осум километри.
Итните служби примиле неколку стотици повици од загрижени граѓани, но засега нема пријави за повредени или за материјална штета.
Светски познатата Крива кула во Пиза, симболот на градот висок повеќе од 50 метри, не претрпела никакви оштетувања во земјотресот. Властите потврдија дека знаменитоста останува отворена за посетители.
Италија се наоѓа на спојот на Африканската и Евроазиската тектонска плоча, поради што земјотресите се честа појава. Земјотресот кај Пиза се случува само неколку дена откако областа околу Неапол беше погодена од најсилниот земјотрес во последните четири децении.
Во тој земјотрес со јачина од 4,7 степени беа повредени 26 лица. Поради тоа, денеска во Неапол се одржаа протести на кои граѓаните побараа подобра заштита од земјотреси. На транспарентите беа испишани пораки како „Срам да ви е“.



