Се размислува за задолжителен тест при влез во Македонија 

Лекарите велат дека заразата е особено активна и очекуваат таа да се засили со оглед на тоа што се годишни одмори.

Поради сè поголемиот број на новозарезени со ковид-19, како и значително зголемената фрекфенција на граничните премини, од Министерството за здравство брифираат дека е можно да се воведе задолжително тестирање за влез во земјава.

– Kомисијата за заразни болести на дневна основа ја следи состојбата со вирусот ковид-19 и доколку тоа го налагаат околностите и согласно стручните проценки, комисијата на утрешната седница би одлучувала за потребата од задолжително тестирање при влез во земјата, како и за други соодветни мерки, велат од МЗ.

Институтот за јавно здравје во последната статистика за три дена евидентираше нови 899 случаи на ковид-19 од направени 2.466 тестови. Нема пријавено починати лица. Од вкупно 2.719 активни случаи, најголем број се во Скопје – 1.390, а во Македонска Каменица и Пехчево нема активни случаи на вирусот.

Лекарите велат дека заразата е особено активна и очекуваат таа да се засили со оглед на тоа што се годишни одмори.

„Гледаме се почесто лепеза од разни симптоми, кашлица, омалаксаност, дијареа, повраќање, температура. Лето е, а можноста за стомачен вирус е особено зголемена, па често луѓето прават забуна и веднаш сомнежот е за ковид. Третирањето на пациентите е секогаш индивидуално и според симптомите. Она што е заедничко за сите е доброто рехидрирање со ладни и негазирани течности. За разлика од претходните соеви, овој последен развива силна симптоматологија првиот ден за да ден два покасно истата е особено намалена“, напиша д-р Бојан Трајковски во Фејсбук групата „Ковид-19 искуства и совети“.

Засега нема дополнителни ковид-мерки, односно остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.

Комисијата за заразни болести на последната седница утврди дека Македонија се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување на пациентите и не се потребни дополнителни рестриктивни мерки. Оттаму апелираа до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца. Лекарите апелираат да се следат препораките на Министерството за здравство, да се вакцинираат граѓаните над 60 години, особено ризичните групи, а останатите да ги следат превентивните мерки.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons