СЕ ПРАВЕЛЕ ЛИ ЕКСПЕРИМЕНТИ ВРЗ ПАЦИЕНТИТЕ СО ХЕМОФИЛТРАЦИЈАТА НА ЖАН МИТРЕВ – ИРЛ со документарец, Обвинителството отворило предмет по допрен глас 

Истражувањето на новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) покажува дека приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-19 пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој практично бил клиничка студија. Наспроти домашните законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД.

Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“, пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции иако по закон треба да го извести државниот орган.

На прашање од 360 степени, од Јавното обвинителство велат дека веќе оформиле предмет по допрен глас

„Се осеќам излажано, изманипулирано, животот ми е уништен“. Ова се зборовите на Мелита Брезева, сопруга на Никола Брезев – пациент кој починал во клиниката „Жан Митрев“ откако бил примен на лекување од ковид-19. За ИРЛ Брезева раскажува дека лекувањето против ковид-19 почнало добро, но дека нејзиниот сопруг потоа добил редица интрахоспитални инфекции а персоналот почнал да му прави и хемофилтрација на крвта.

Брезева вела дека ниту имале доволно информации за хемофилтрацијата, ниту болницата била транспарентна за интрахоспиталните инфекции, па дури и не знаеле од што го лечат нејзиниот сопруг – од ковид или од бактериите со кои се заразил во болницата.

Тимот на новинари разговарал со уште 20-тина семејства чии блиски починале во болницата и добиле слични или исти сведоштва. Кога почнале да собираат ставови и документи од институциите кои се надлежни за надзор и заштита на пациентите, ИРЛ доаѓа до две клучни сознанија:

  1. Методот на хемофилтрација во лекување на болни кој го применува клиниката „Жан Митрев“ всушност е клиничка студија, иако болницата за тоа наплаќа десетици илјади евра. Законски, студијата/иите мораат да бидат пријавени и одобрени од МАЛМЕД (Агенција за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија);
  2. Во научните трудови на доктори од клиниката „Жан Митрев“ (вклучувајќи го и доктор Жан Митрев) објавени врз основа на „клиничките студии“ се објавува и дека значителен број на пациенти се здобиле со интрахоспитални инфекции. Законски, клиниката морала да го извести Центарот за јавно здравје за инфекциите.

Но, клиниката „Жан Митрев“, тврди ИРЛ, никогаш не побарала одобрување на студијата од МАЛМЕД ниту пак за време на пандемијата известила дека во болницата имало интрахоспитални инфекции. Напротив, клиниката и докторот Жан Митрев, во јавноста ја претставуваат хемофилтрацијата како испробана метода со одлични резултати што носи голем број на пациенти (и пари) за време на пандемијата.

Од Центарот за јавно здравје ИРЛ добива став дека „Жан Митрев“ не пријавил ниту една интрахоспитална инфекција за време на пандемијата. Барем една таква пријава стигнала до Државниот санитарен и здравствен инспекторат и институцијата иницирала инспекциски надзор до министерот за здравство, но немаат повратна информација дали инспекцијата некогаш се случила.

Во регистарот на клинички испитувања на МАЛМЕД, пак, новинарите од ИРЛ не наоѓаат одобрение за ниту една од клиничките испитувања кои ги правела клиниката „Жан Митрев“, за лекување пациенти со ковид-19 со хемофилтрација.

„Законот е јасен. За секое клиничко испитување треба одобрение од МАЛМЕД. По здравјето никој не смее да се осмели да се нафати со такво нешто. Без дозвола за возење, да се нафатиш автобус да возиш… Така да, ќе бидат санкционирани најверојатно сите тие институции што ќе презмат на своја рака активности во таа насока“,Љирим Шабани, директор на Агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Во документарниот филм на ИРЛ има и интевју и со доктор Жан Митрев. За интрахоспиталните инфекции тој потврдува дека ги имало и иако на моменти не е 100% сигурен, тврди дека ги пријавувале до надлежните институции.

Повеќе детали на 360 Степени

Погледнете го целиот документарен филм

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons