Регионални и локални медиуми за вечерва најавија штрајк, бараат пониски давачки

Здружението на електронски медиуми „Медиум објектив” донесе одлуката од вечерва во 19 часот да се отпочне со штрајк со получасовен прекин на програмата во наредните две недели. Медиумите, меѓу другото, бараат за 50 проценти намалување на давачките за дозвола за емитување. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во еден пандемиски период медиумите биле ослободени од дел од давачките, но дека за ова барање не е надлежна само Владата, туку и други институции со кои треба да се разговара.

„Верувам дека доколку тие барања се во рамки на можностите во услови на оваа криза, а знам дека во времето на корона кризата Владата даде препораки, може да даде препорака за неплаќање или делумно плаќање на надоместоците што ги плаќаат сите медиуми, а не само регионалните. Може да се разговара, меѓутоа одлуката ќе зависи од координациите или одлуките од другите институции не само на Владата“, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за најавениот штрајк и барањата на регионалните и локалните медуми“.

Тој доде дека во однос на барањата ќе разговара со министерот за информатичко општество и администрација, бидејќи медиумите се во надлежност на тоа Министерство.

„Но, треба да бидеме свесни дека во сферата на медиумите постојат и други институции коишто не се субординирани на Владата, а тоа е Агенцијата за аудиовизуелни медиуми, којашто исто така добива дел од тие приходи, потоа Агенцијата за електронски комуникации и решение може да се бара единствено низ координација на тие три институции, значи Министерството и двете институции“, истакна Ковачевски.

Здружените на локалните и регионалните медуми „Медиум објектив” за вечер од 19 до 19.30 часот најави штрајк на 96 медиуми со прекин на програмата. Тие бараат од Владата да биде прифатено нивното барање за ослободување од 50 отсто за плаќањето на надоместокот за дозвола, кое го испратиле лани на 24 ноември, откако претходно Регулаторот обезбедил 50 отсто намалување.

„Покрај тоа, подолг временски период бараме промена на Законот за АВМУ, посебно во делот на казнените одредби каде локално радио и национална телевизија за истиот прекршок се казнуваат исто, формирање на Фонд за медиуми и дополнување на членот 102 од Законот за АВМУ, изјави Димитар Мицев, претседател на „Медиум објектив”.

Получасовниот штрајк ќе трае во наредните две недели и доколку не се исполнат барањата, тогаш прекинот на програмата ќе се зголеми на еден час, а медиумите ќе престанат да ги следат активностите на челниците на локалната самоуправа и јавните претпријатија во информативните блокови и ќе ги повлекуваат екипите од прес-конференциите.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons