Пчелите живеат значително пократко, тоа е проблем за целиот свет
Ново истражување покажа дека животниот век на медоносните пчели е намален за речиси 50 проценти во последните 50 години и дека еден од десет видови диви пчели се соочува со истребување.
Животниот век на пчелите е од големо значење за иднината на човештвото, бидејќи без нив и другите опрашувачи, невозможно е да се одгледуваат повеќето земјоделски култури и да се произведува храна за луѓето.
Масовното изумирање на пчелите беше особено изразено во Соединетите Држави во текот на зимата 2006–2007 година, кога комерцијалните пчелари изгубија 90 проценти од своите пчелни семејства, а слична ситуација беше забележана и во Канада, Австралија, Белгија, Франција, Холандија, Грција, Италија, Португалија, Шпанија, Германија, Финска и Полска.
Нешто подоцна, во текот на студената зима 2012-2013 година, угинале 29 проценти од пчелните колонии во Велика Британија.
Авторите на истражувањето од Универзитетот во Мериленд користеле математичко моделирање за да покажат дека пократкиот животен век на пчелите може да доведе до масовно исчезнување на колониите. Според нивните податоци, од 1969 година животниот век на пчелите во Америка се намалил од 34 дена на само 18 дена.
Можеби се ослабени од новите генерации пестициди што не постоеле пред 50 години. Поленот со кој пчелите ги хранат своите ларви често е контаминиран со пестициди, а тоа може да ја влоши нивната состојба, бидејќи се изложени на мали дози на високотоксична група пестициди наречени неоникотиноиди, што ја намалува нивната отпорност на болести.



