Три утрински навики што го зголемуваат стресот
Начинот на кој го поминуваме утрото често влијае врз остатокот од денот, а експертите за ментално здравје идентификуваа три вообичаени навики поради кои непотребно го започнуваме денот под стрес.
Лиценцираниот советник за ментално здравје Минди ДеСета и терапевтката Кристин Хатавеј објаснија кои се утринските грешки што луѓето најчесто ги прават и како да ги избегнат.
Проверување на телефонот штом ќе ги отворите очите
Според ДеСета, проверувањето на пораки, е-пораки или социјални мрежи во моментот кога ќе ги отворите очите, брзо ве воведува во состојба на стрес.
„Кога ќе го проверите телефонот веднаш штом ќе станете наутро, си задавате задачи на кои мора да одговорите“, вели ДеСета.
Таа советува да почекате најмалку 30 минути пред да го проверите телефонот и да го полните подалеку од креветот. Ако ви служи како аларм, таа предлага да набавите класичен будилник.
Недостаток на утринска рутина
Без предвидлива рутина, секое утро станува низа одлуки донесени во последен момент: што да се јаде за појадок, кој за што е одговорен, дали има време за туширање и што да се облече.
„Тој ментален товар може да ве направи расеани, па ќе заборавите работи, ќе го прескокнете појадокот и набрзина ќе истрчате од дома“, предупредува Хатавеј.
Препорачува едноставен редослед на задачи приспособен за домаќинството што треба да се следи секој ден, како и подготовка претходниот ден, како што е избор на облека или планирање појадок. Сепак, таа советува да се остави одреден простор за непредвидени ситуации, бидејќи целта е воспоставување познат ритам, а не уште еден стандард што мора совршено да се исполни.
Одложување на алармот
Дополнителни пет минути сон по одложувањето на алармот, според ДеСета, малку придонесуваат за одмор, а будењето и повторното заспивање на овој начин може да ве остави уште поуморни. Покрај тоа, го скратува времето за подготовка, па утрото станува хаотично, а понекогаш завршува со сериозно доцнење.
„Наместете го алармот во времето кога навистина треба да се разбудите. Ако знаете дека трипати ќе ја притиснете опцијата за одложување, тогаш едноставно дозволете си го тој дополнителен сон уште од самиот почеток“, советува ДеСета.
За да се ослободите од оваа навика, се препорачува да го ставите алармот на другиот крај од собата – така што ќе мора да станете за да го исклучите – и да си легнете доволно рано за да спиете седум до осум часа.



