По 55 часа во вода: Полјак успешно го преплива Балтичкото Море
Полскиот пливач на отворени води Бартломеј Кубковски го преплива Балтичкото Море од Шведска до Полска, а растојанието од 160 километри го помина за 55 часа.
Овој екстремен подвиг, познат како ултрабалтичко пливање, беше изведен во добротворни цели, а Кубковски собираше средства за Фондацијата за борба против ракот, пренесува ДПА.
Кубковски го започна својот пливачки потфат во петокот, на 31 јули, од местото Касеберга во Шведска.
Според снимките што неговиот тим ги направил во неделата вечерта, на 2 август, тој тетеравејќи се излегол на брегот, целосно исцрпен, во Џивнов во Полска, источно од Швиноујшќе.
Кубковски повеќе од два дена и две ноќи се борел со брановите, ветерот и студот. Не го допрел чамецот за поддршка, никаде не излегол на брегот ниту се одморал.
Пливачот, со прекар Робе, неговиот тим за поддршка го хранел и му давал пијалаци со помош на стап.
Во текот на втората ноќ, Кубковски имал повремени халуцинации, објави неговиот тим на Инстаграм. Сепак, со поддршка од своите навивачи, тој стигнал до целта.



