Свет

Откриена веројатната причина за смртоносната железничка несреќа во Шпанија

Експертите кои ја истражуваат причината за излетувањето на брзиот воз од шините во неделата во Шпанија, во кое загинаа најмалку 39 лица, пронајдоа скршена спојка на шините, според извор запознаен со прелиминарната истрага. Во несреќата, која се случи во близина на Адамуз во јужната покраина Кордоба, вагоните кои излетале од шините удриле во воз кој доаѓал од спротивната насока, туркајќи го од шините и надолу по насипот, пишува Ројтерс.

Според изворот, техничарите на местото на несреќата идентификувале абење на спојка помеѓу деловите од шината, што укажува дека дефектот постоел веќе некое време. Тие откриле дека неисправната спојка создала јаз помеѓу шините кој се проширил додека возовите се движеле по пругата.

Изворот, кој одби да биде идентификуван поради чувствителноста на темата, кажал дека техничарите веруваат дека неисправната спојка е клучен фактор во утврдувањето на точната причина за несреќата. Шпанската комисија за истрага на железнички несреќи (ЦИАФ), шпанскиот железнички оператор Адиф и надлежното Министерство за транспорт не одговориле веднаш на барањата за коментар.

Алваро Фернандез Хередија, претседателот на Ренфе, компанијата која управува со другиот воз вклучен во несреќата, за радио станицата Кадена сер изјави дека е прерано да се зборува за причината. Сепак, тој изјави дека несреќата се случила во „чудни услови“ и додаде дека „човечката грешка е практично исклучена“.

Првите вагони од возот со кој управува компанијата Ирјо поминале преку оштетениот дел од пругата, но осмиот и последен вагон излетал од шините, повлекувајќи ги со себе и седмиот и шестиот, рече изворот. Ирјо е приватен железнички оператор во мнозинска сопственост на италијанската државна железничка група Феровие дело стато.

Изворот се повика на фотографија која им ја доставила на медиумите шпанската полиција Гардија цивил, на која се гледа пукнатина во шината на место обележано со броеви од страна на судски инспектори.

Местото на несреќата во понеделникот наутро го посетија шпанскиот премиер Педро Санчез и министерот за транспорт Оскар Пуенте. По несреќата, Санчез го откажа своето патување на Светскиот економски форум во Давос во Швајцарија. Пуенте кажа дека возот од Ирјо е стар помалку од четири години и дека железничката пруга е целосно реновирана минатиот мај.

Произведувачот на возот, Хитачи реил, го прегледал возот на 15 јануари како дел од рутинско одржување и не пронашол никакви аномалии, изјавил извор за Ројтерс. Станува збор за воз „фречароса 1000“, истиот модел кој се користи во италијанската мрежа на брзи возови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons