Од утре цените се одмрзнуваат: Нема да има поскапувања, стандардот ќе ги дисциплинира трговците 

Во моментот кога завршуваат мерките, почнуваат новите дилеми: дали цените одново ќе пламнат, но светските цени се против оваа логика, бидејќи цената на струјата често се спушта на 40 до 50 евра за мегават-час (приближно ниво од пред кризата), цената на природниот гас падна за 300 проценти, а во надолна линија се и цените на житото, брашното, ѓубривата…

Од утре се одмрзнуваат цените на сите производи што имаа ограничени цени, а со тоа ќе биде означен крајот на мерката што многумина ја осудија како неспојлива со пазарна економија. Од 1 март годинава, Владата сметаше дека до крајот на април ќе има доволно време да се сопре дивеењето на десетина основни прехранбени производи, дел од хигиенските средства, како и повеќе видови овошје и зеленчук. Иако мерката доби уште еден месец „гратис“ до крајот на мај, и покрај најавите, Кабинетот не смогна сили да ги плафонира цените на месото и сувомесните производи, кои останаа превисоки за грото од граѓаните.

Министерот за економија Крешник Бектеши беше дециден дека периодот на замрзнати цени нема да продолжи, оти инфлацијата драстично се намалила, па во јуни ќе била пониска од десет отсто?! Во моментот кога завршуваат мерките, почнуваат новите дилеми: дали цените одново ќе пламнат. Светските цени се против оваа логика, бидејќи цената на струјата често се спушта на 40 до 50 евра за мегават-час (приближно ниво од пред кризата), цената на природниот гас падна за 300 проценти, а во надолна линија се и цените на житото, брашното, ѓубривата…

Спротивставени ставови за одмрзнувањето

Мерката во основа го стопираше дивеењето само на најосновните прехранбени производи, но таа треба да продолжи и летово, затоа што производителите и трговците ќе се обидат да ги надоместат тримесечните загуби, вели за „Слободен печат“ Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачите.

– За да се види реалната слика треба да минат барем шест месеци, периодот на замрзнување е прекраток, иако имаше своја позитивна страна. Факт е дека цените останаа и натаму високи, а само мал дел беа зауздани. Никој не зборува за цената на сирењата, кашкавалите, хемиските производи, месо, саламите… Треба да се каже дека максимизирањето се случи во моментот кога некои производи постигнаа високо ниво, како на пример кај лебот, кој се продаваше и по 70 денари. Затоа сметам дека мерката треба да продолжи и летово – констатира Лончар Велкова и додава дека е разочарана од грдата слика предизвикана од шпекулациите со трговските маржи.

Граѓаните не видоа голем аир и од двата месеци колку што траеше мерката за замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето. По само неколку денови од првото плафонирање, надлежните попуштија пред притисокот на увозниците, па минимално ги коригираа, но и покрај тоа зелените пазари и маркетите продаваа по двојно повисоки цени или воопшто не продаваа. На површина излезе и долго премолчуваниот факт дека со години наназад, увозниците на овошје и зеленчук успевале со лажни увозни фактури, да ни продаваат емиш и зарзават по високи цени. Да се фалиш со ниски цени на земјоделските производи не е на арно, коментира за „Слободен печат“, агрономот Ристо Велков, претседател на „Агросојуз Струмица“ за „Слободен печат“.

– Политичарите не треба да прават маркетинг со цените на зеленчукот, оти тоа не е за радување. Ако продолжи падот на цените на земјоделските производи, пропорционално ќе се намалат и земјоделските површини, што ќе го зголеми увозот на државата. Странските овошја и зеленчуци ги истиснаа домашното. За да биде земјоделецот задоволен во моментот, нему треба да му останат 50 денари од секој килограм домати или пиперки – поентира Велков.

Пекарите се децидни дека основниот леб нема да поскапи

Нема потреба од страв, цената на основниот леб нема да поскапи и по завршувањето на владината мерка, дециден е Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за пекарска индустрија при СКСМ. Тој за „Слободен печат“ вели дека за 50 отсто се намалени сите инпути што влегуваат во пекарската индустрија. Цената на струја е на ланското ниво, жито и брашно има доволно, а се стабилизираа и другите репроматеријали, а така ќе остане и летово, се надева Малишиќ.

– Мерката на Владата за замрзнување на цената на лебот ни нанесе огромна штета, која сега откако брзите се стабилизираа, се обидуваме да ја надоместиме. Нема потреба од продолжување на мерката, треба да се остави пазарно да работиме – додава Малишиќ. Претседателот на пекарската групација, искрено одговара на прашањето дали ним како производители им се нарушил имиџот по трите дена кога ги оставија граѓаните без леб.

– Изборот беше да продолжиме да работиме со загуба, оти и без владината мерка ќе затворевме поради берзанските случувања. Но, по лавината негативни коментари од јавноста, моравме да продолжиме со работа на наша штета. За среќа, по еден месец дојде до стабилизација, па можевме да здивнеме – објаснува Малишиќ.

Трите куриозитети на мерките

За првпат во историјата во Македонија не можеше да се купи леб цели три дена, а исчезна и брашното од рафтовите. Со овој „бел“ штрајк, пекарите сакаа да покажат несогласување со владините мерки, а јавноста нивниот потег го дочека на нож. Уште еден куриозитет од замрзнатите цени беа „ненајавените“ контроли по маркетите на премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши и пазарниот инспектор Горан Трајковски. Целта беше двојна – самоубедување и убедување на граѓаните дека трговците ги почитуваат мерките. За граѓаните беше изненадување и јавното изнесување на имињата на трговските синџири и на увозници, кои заработија кривични пријави за непочитување на мерките, но и покрај високите казни, дел од увозниците ставија клуч на магацините и во трговијата доставуваа минимум зеленчук и овошје.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons