ОД УТРЕ: Лекот Myfortic без доплата, терапија од особено значење за пациентите со трансплантирани органи
По иницијатива на директорот на Фондот, Златко Перински, ова прашање беше поставено меѓу приоритетите, а во координација со Министерството за здравство и стручните служби на Фондот, решението е спроведено во целост и веќе може да се применува во аптеките.
Пациентите со трансплантирани органи од утре, 26 август 2026 година, ќе можат да го подигнуваат лекот Myfortic (mycophenolic acid) од 180 mg и 360 mg без доплата од договорните аптеки на Фондот за здравствено осигурување.
Она што Фондот го најави како решение за заштита на оваа специфична категорија пациенти, сега е целосно реализирано. Завршени се сите потребни постапки, Управниот одбор ја даде потребната согласност, направени се измените во Шифрарникот на лекови, а договорните аптеки се известени за новиот начин на издавање.
Со тоа, од утре пациентите повеќе нема да доплаќаат 615 денари за Myfortic од 180 mg и 1.439 денари за Myfortic од 360 mg.
Станува збор за терапија од особено значење за пациентите со трансплантирани органи, која се користи долгорочно и за која континуираната достапност е од исклучителна важност.
Фондот реагираше откако беше известен дека алтернативните лекови без доплата во моментот не се достапни на домашниот пазар поради производно-технички причини. Наместо финансискиот товар од таквата состојба да падне врз пациентите, беше обезбедено решение со кое достапниот оригинаторен лек Myfortic се обезбедува без доплата.
По иницијатива на директорот на Фондот, Златко Перински, ова прашање беше поставено меѓу приоритетите, а во координација со Министерството за здравство и стручните служби на Фондот, решението е спроведено во целост и веќе може да се применува во аптеките.
Придобивката е двојна – пациентите добиваат континуирана терапија без дополнителен трошок, а истовремено се зачувува ефектот од претходно постигнатото намалување на цената на лекот.
Цената на Myfortic од 180 mg е намалена за 291 денар, а на Myfortic од 360 mg за 2.012 денари. Благодарение на намалените цени, проектираната заштеда за Фондот само за втората половина од 2026 година изнесува околу еден милион денари.
Ова е конкретен пример како рационалното управување со средствата од здравствениот буџет може истовремено да донесе поголема заштита за пациентите: терапија без доплата за осигурениците и понизок трошок за Фондот.
Фондот за здравствено осигурување ќе продолжи да ги следи состојбите на пазарот и да реагира таму каде што е потребно, со цел придобивките од Позитивната листа и конкуренцијата меѓу лековите да стигнат таму каде што се најважни – директно до пациентите, велат од ФЗОМ.



