Обвинителите трет месец одлучуваат за кривична одговорност: Ќе биде ли кабелот виновен за пожарот со 14 жртви во Тетово?

Три месеци нема ништо ново во врска со предметот со пожарот во модуларната болница во Тетово. Веќе трет месец обвинителите прават анализа на доказите поврзани со пожарот во модуларната болница во кој 14 лица изгореа живи. Од Обвинителството и во март и сега во мај, редакцијата на МКД.мк доби идентичен одговор за овој случај за кој се вели дека анализата на сите прибрани докази е во тек. Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена. Осум месеци по трагедијата нема одлука за кривична одговорност. 

„Во предметот во врска со пожарот во тетовската болница во континуитет се преземаат дејствија во рамките на предистражна постапка со цел да се утврдат сите факти и околности. Во таа насока, беше наредено вештачење од МВР ОКТИВ (Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, кое обвинителството веднаш го објави и кое се однесува на директните причини за самиот пожар. Беа наредени и извршени уште две вештачења – од Технолошкиот факултет и од стручно лице -електроинжинер. По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од ОКТИВ. Сепак, сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. Анализата на сите прибрани докази е во тек. Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена”, стои во одговорот од Обвинителството.

Вештачењето на МВР ОКТИВ утврди дека пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. 

Откако беше добиено вештачењето од МВР, се чакаше и германското вештачење. Откако стигна, се чекаше да се преведе. Сега е изготвен и преводот, па во тек е анализа на доказите, за на крајот обвинителите да може да донесат одлука дали и кој ќе одговара за загубата на 14 лица кои живи изгореа во модуларната болница во Тетово и дали ќе биде отворена истрага.

Поранешниот премиер Зоран Заев лани, на почетокот на октомври побара од МВР да го објави извештајот кој што го испратиле до Обвинителството, а кој се однесува и е дел од истрагата за пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица.

Заев рече дека јавноста очекува одговори, а порача МВР треба да го објави извештајот, а Обвинителството да продолжи со истрагата.

Вештачењето тогаш утврди дека пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.

Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, соопштија ден по барањето на Зев од Јавното обвинителство.

Пожарот во тетовската модуларна болница се случи лани, на 8 септември неколку минути после 21 часот.

Во трагедијата, животот го загубија 12 пациенти и две лица кои во моментот биле во објектот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons