Нови законски измени: Домашните миленици ќе мора да бидат стерилизирани, а размножувањето ќе биде забрането
Со нов предлог-законот за заштита и благосостојба на животните, драстично ќе се зголемат паричните казни за физички лица, од 400 евра за несоодветно чување и шетање на куче, до 5.000 евра за малтретирање на домашните миленици. Ќе биде забрането нивното размножување, а стерилизацијата ќе биде задолжителна.
Измените главно се насочени на решавање на проблемот со напуштањето на домашните миленици, нивното неконтролирано размножување и трговија за што краен резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња.
„На сопственикот кој ќе го напушти својот миленик трајно му се забранува држење на миленици; Се забранува неконтролирано размножување, продажба и давање на подарок домашни миленици… Се забранува чување на домашен миленик – куче, постојано врзано на ланец или во затворен дел од ограден простор, без да се овозможи слободно движење надвор од тој простор најмалку еднаш во денот, со цел да се задоволат неговите физиолошки и физички потреби… Се збаранува зашеметување, колење или усмртување на животни за ритуални цели…“, се дел од измените предвидени со предлог-законот.
Предлог-законот предвидува и задолжителна стерилизација на домашни кучиња, забрана за продажба и давање на подарок домашни миленици од нерегистрирани одгледувачи, а одгледувачниците пред да го направата тоа ќе мора новите легла да ги пријават кај ветеринар, но и кому ги дале. Една мачка или кучка нема да смее да има повеќе од едно легло годишно.
„Регистрираните одгледувачи на куче од денот на влегувањето во сила на овој закон во период од 5 години немаат право на размножување на нестерилизираните миленици односно немаат право за репродукција на нови единки“, предвидува предлог-законот.
Се предвидува и формирање на Центар за трајно згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни, но и сместување кај привремени вдомувачи, со што би се вовел и нов концепт на третман на бездомните животни, кој во моментов ги опфаќа само кучињата и тоа на принцип: залови – стерилизирај – пушти.



