Свет

Карни: Канада е отворена за што поцврсти врски со ЕУ

Канадскиот премиер Марк Карни денеска изјави дека неговата земја е отворена за некаков вид на посебно членство во Европската унија.

„Ја поздравуваме таа иницијатива“, рече либералот Карни обраќајќи им се на пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Според него, анкетите покажуваат дека огромното мнозинство Канаѓани поддржуваат потесни врски со Европа. „Европа и Канада се силни сами за себе. Заедно, сме уште посилни“, рече Карни, како што пренесе агенцијата дпа.

Карни изјави дека Канада и Европа треба да ја обезбедат својата стратешка автономија преку соработка низ целиот спектар на стратешки капацитети.

„Сакаме да станеме поотпорни за никој да не може да го контролира нашиот отворен пазар, да го намали нашиот суверенитет, да го загрози нашиот територијален интегритет или да ги поткопа нашите слободи, нашата демократија и владеењето на правото“, рече Карни во Европскиот парламент.

Канадскиот премиер нагласи дека не сака да создаде трет блок што би им конкурирал на големите сили, ниту пак бара моќ за да владее со другите.

По говорот, многу пратеници станаа и му аплаудираа на канадскиот премиер. Оние што главно останаа пасивни беа пратениците од крајната десница на политичкиот спектар, истата група што претходниот ден го игнорираше говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.

Во вчерашното обраќање за состојбата на Унијата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека сака Канада да стане првата придружна членка на Европската унија и земјата да воспостави најтесни можни односи со ЕУ, пренесоа новинските агенции.

Карни отпатува во Стразбур на покана на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Во услови на царински спор со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Канада се обидува да ја намали својата економска зависност од Соединетите Држави.

Според ДПА, портпарол на Европската комисија денеска повтори дека вчерашниот предлог на Фон дер Лаен не е насочен против никого, туку има за цел да ги „мобилизира нашите колективни сили“.

Според основачките договори на ЕУ, Канада не може да стане полноправна членка на ЕУ, бидејќи Членот 49 предвидува дека само европски држави можат да ѝ се приклучат на Унијата.

Во моментов, главната врска на ЕУ со Канада е договорот за слободна трговија ЦЕТА, кој привремено се применува од 2017 година, тој сè уште не стапил официјално на сила бидејќи десет земји-членки на ЕУ, меѓу кои Белгија, Франција и Ирска, не го ратификувале.

Новинската агенција дпа пишува дека, поради тоа, изводливоста на идејата Канада да стане придружна членка на ЕУ останува крајно неизвесна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons