Ниеден извршител досега не бил казнет 

Новиот Закон за извршување мора да предвидува и поголема контрола врз работата на извршителите. Заменик Народниот правобранител Јован Андоновски вели дека секоја година расте бројот на граѓани кои се жалат дека добиле несоодветно извршно решение. Најчестите поплаки на граѓаните се дека доцна се известуваат дека биле дадени на извршител, за тоа дека воопшто имале застарен долг, за висината на долгот кој треба да го платат,  за каматите кои им се пресметани.

„Треба да се засили контролата и надзорот врз извршителските канцеларии. Затоа има Комора на извршители, затоа има Министерство за правда кој има директна надлежност да врши контрола врз работата на извршителите, но и покрај бројните поплаки кои граѓаните ги доставуваат до комората и до Министерството за жал, немаме информација дека некој извршител е казнет или му е одземена лиценцата за несовесно или нестручно работење“, изјави Јован Андоновски заменик Народен правобранител.

Суштествени измени на законот во делот на извршувањето не очекува да се случат извршителот Гордан Станковиќ. Тој има предлог, позначајна новина да биде воведување на посебна сметка за граѓаните приматели на социјална или друга финансиска помош од државата. Се со цел тие пари да не може да бидат повлечени од страна на извршителите.

„Ние таа ситуација во моментов ја избегнуваме на тој начин што граѓанинот може да презентира пред извршителот соодветен документ дека е корисник на таква помош и во таков случај се врши деблокирање на сметка ако му била блокирана“, рече Гордан Станковиќ извршител.

Активистите  кои со години се противат на начинот на кој работат  извршителите и натаму бараат тие да се вратат под надлежност на  судовите. Неколку пати имаше обид да се менуваат правилата за работа на оваа фела, но невладините тврдат дека и натаму за минимални долгови се наплаќаат високи камати на сметки постари од 20 години.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons