Неизвесност за градежниот сектор поради поскапените материјали, се бара скалеста промена на договорните цени 

Креирање можност во договорите на градежните проекти за скалесто менување на цените согласно со инфлаторните движења, според градежните здруженија и комори, е излезот од состојбата во која се наоѓа градежниот сектор поради поскапувањето на градежните материјали и нестабилноста на цените.

Иницијатива за тоа е веќе доставена до Владата и надлежните институции и се одржани неколку средби со цел да се најде најдобриот начин за да продолжи реализацијата на капиталните проекти и покрај надворешните влијанија од воениот конфликт во Украина и претходно од пандемијата.

Поскапените градежни материјали влијаат и на тековните и на идните проекти

Основните градежни материјали, според градежната фела, бележат значителен раст на цените. Анализата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите покажува дека во периодот март 2020 до март 2021 цената на челичните профили и цевки порасна за 33 проценти, од март 2021 до јуни 2021 за дополнителни 33 проценти, а до крајот на годината и до 95 проценти. Од почетокот на пандемијата до крајот на претходната година поскапувањата кај отплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ЕСП, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50 проценти.

„Она што загрижува е што е неизвесен крајот на поскапувањата на материјалите, кои со особено изразен интензитет продолжија од почетокот на оваа година и не се очекува стабилизација на поскапувањата во сезоната која следи, што се одразува врз целокупниот деловен амбиент и работењето на градежната индустрија“, велат за МИА од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали.

Проблемот со поскапувањата ги засегнува сите сегменти на градежништвото и високоградбата и нискоградбата, а исто така и приватните вложувања и јавните инвестиции. Проблемот иако се манифестира во сите сфери, најмногу се чувствува во доменот на јавните набавки.

„Кај тековните јавни набавки има проекти кои се реализираат три, пет и повеќе години, при што кај набавките со фиксни цени, компаниите работат во услови на непроменети цени договорени пред неколку години и неможност на нивна корекција, додека кај набавките каде што има пропишано ‘клизна’ скала таа не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста. Голем проблем се и новите јавни набавки со оглед дека условите по кои се пропишуваат се услови кои не соодветствуваат со денешните состојби. Поради тоа, се доведува во прашање исплатливоста на реализацијата и се создава неизвесност во градежништвото, што може да доведе до пропаѓање на голем број тендерски постапки“, укажуваат од Здружението.

Поради влошената состојба во секторот тие минатиот месец доставија нова иницијатива за корекцијата за разлики во цени која се применува во најголем дел од договорите за градење на проекти што се изведуваат подолг временски период.

„Уште во почетокот на претходната година алармиравме до надлежните институции за навремено преземање мерки за справување со поскапувањата на цените на градежните материјали. Имајќи предвид дека досега не беа преземени мерки приспособени на потребите на градежната индустрија, а состојбата е влошена и алармантна, како дополнување на веќе поднесените барања, со цел соодветно утврдување на разликата во цени на тековните и новите договори за градење, минатиот месец до надлежните институции доставивме нова иницијатива за ревидирање на клизната скала, односно корекцијата за разлики во цени (Price adjustment), која се применува во најголем дел од договорите за градење (изведба) на проекти што се изведуваат подолг временски период“, посочуваат од Здружението.

Тие не очекуваат подобрување, туку намален обем на работа.

„Имајќи ги предвид актуелните состојби со кризата, како и досегашното искуство во однос на администрирањето и реализацијата на капиталните проекти, каде во наши услови речиси секогаш се јавува расчекор помеѓу планираните и реализираните расходи, не очекуваме одредени придвижувања на состојбите во позитивна насока, односно очекуваме стагнација и намален обем на работа во градежниот сектор“, посочуваат од Здружението.

Во делот на нискоградбата, прецизираат, растот на цените на градежните материјали ја доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на проектите, поради што во одредени случаи компаниите ги раскинуваат договорите, особено оние кај кои не постои можност за корекција на цените. Во делот на високоградбата, покрај другите фактори, поскапувањата на градежните материјали доведува до раст на цената на становите, што го потврдуваат и податоците на НБРСМ кои покажуваат дека во првиот квартал годинава цените на становите бележат раст од 12,4 проценти на годишно ниво, а на квартално од 2,9 проценти.

И од Градежната комора при Сојузот на Стопански комори бараат поддршка за надминување на проблемот со нестабилноста на цените поради непредвидливоста на берзите.

„Пандемијата во градежниот сектор предизвика драстичен раст на цените на репроматеријалите на светските берзи, што пак предизвика раст на цените на градежните производи. Во моментов цените на некои основни материјали се покачени и за 100 проценти, а растот во просек е околу 40 проценти. Но истакнуваме и дека голем проблем е тоа што нема предвидливост бидејќи берзите кои ги одредуваат цените се многу нестабилни“, изјавија за МИА од Градежната комора при ССК.

И според нив, најголем проблем и сериозен предизвик кој се заканува на опстојувањето и ликвидноста на компаниите се тековните договори кои се склучени на почетокот на минатата година, бидејќи цените и условите кои тие ги содржат поради трендот на раст на цените на градежните материјали не се веќе реални. Некои проекти се во мирување поради неможноста за правилно калкулирање на крајните цени. Излезот од овој проблем го гледаме во креирање можност во договорите за скалесто менување на цените согласно инфлаторните движења. Се уште постои голема непредвидливост во предвидување и планирање на идните активности така што е невозможно да се дадат прецизни проценки за наредниот период.

Заложби да продолжи инвестицискиот циклус во инфраструктурата

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), кои се носители на повеќе капитални проекти, за МИА велат дека имаат разбирање за барањата на коморите и оти се бара најдобриот начин да продолжат проектите.

Сведоци сме, велат оттаму, на постојаното зголемување на цените на нафтата, нафтените деривати, на железото и останати производи кои се клучни во градежништвото, како и на отежнатата набавка на материјали предизвикани пред сѐ од економската и енергетската криза како последица на војната во Украина и претходно кризата со пандемијата. Од таму ние имаме разбирање за барањето на Градежната комора при ССК со кои Владата и надлежните институции остварија неколку средби на кои се дискутираше за скалесто менување на цените согласно со инфлаторните движења, но тоа е одлука која што не може да ја донесе самостојно ЈПДП. Ова од причини што потпишаните договори со градежните компании се согласно со Законот за јавни набавки.

„Владата на РСМ и надлежните институции ги разгледуваат барањата и се бара најдобриот начин за да продолжи реализацијата на капиталните проекти и покрај надворешните влијанија од воениот конфликт и претходно од пандемијата“, наведуваат од ЈПДП и потенцираат дека Владата и ЈПДП се партнер на градежните компании и во таа насока се залагаат за продолжување на инвестицискиот циклус во патната мрежа.

Реализацијата на капиталните инвестиции на ЈПДП, дополнуваат, во првите месеци од годинава токму поради погоре наведените причини се одвива побавно и до овој момент имаме реализирано 2,4 милијарди денари, односно 11 проценти од планираното. Но, потенцираат, градежната сезона секогаш е поинтензивна во пролетните и летните месеци и токму затоа очекуваме следниве неколку месеци овој процент значително да се промени.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, уверува дека изградбата на крупните капитални проекти продолжува со несмалено темпо, односно нема прекин во нивната реализација.

„Градежништвото го одржуваме во полна кондиција и со навремени мерки што ги преземаме ги надминуваме сите предизвици пред кои сме исправени со оглед на сите овие светски економски кризи коишто се наоѓаат пред нас. Градежната офанзива е во полн ек, целата механизација е на терен низ целата држава. Оваа година имаме историски најголем буџет за изградба на патишта и на целосна рехабилитација на целата патна инфраструктура и модернизација на железничката инфраструктура. Во постојан контакт сме со сите градежни компании, со стопанските комори, со цел реализација на проектите коишто ги започнавме за да обезбедиме најдобри услови и континуитет во градбата на сите најзначајни проекти за нашата земја“, изјави Бочварски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons