Матурантите денеска го полагаат првиот екстерен испит од државната матура 

Во 10 часот денеска во средните училишта низ земјава почна полагањето по првиот екстерeн испит – мајчин јазик и литература од државната матура за учебната 2021/2022 година. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за тестот по македонски јазик се пријавени 11.060, за албански јазик 4.308 и за турски јазик 313 матуранти.

„Денеска почнува полагањето на државната матура како еден чин на формализација и завршување на средното образование. Досега се пријавени околу 16.000 ученици што, како и минатата година, полагаат два екстерни и два интерни предмети и изработуваат проектна задача. Проширување има само на листата со интерни предмети за учениците од средното стручно образование ССО поради тоа што годинава се воведени нови образовни профили. Денеска се полага првиот задолжителен екстерен предмет, мајчин јазик. Јас на сите матуранти им посакувам многу успех и одлични резултати“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој присуствуваше на почетокот на полагањето на државната матура во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“.

Тие резултати, додаде министерот, треба да бидат потврда на знаењето и на тоа што го совладале за времето на четиригодишното средно образование и што понатаму ќе го применуваат при работа на соодветното работно место доколку се одлучат веднаш по средното училиште да се вклучат на пазарот на трудот или пак ќе им биде добра основа за понатамошна академска надградба.

„Верувам дека процесот на сите им е добро познат затоа што државната матура се спроведува од 2007 година и секогаш во секоја учебна година подготвителните активности почнуваат навремено, а учениците се запознаени со тоа што материјалите тие што ќе ги полагаат. Оваа година како што знаете, имавме и период кога наставата не се реализираше. Тоа беше во месец април, вкупно 12 наставни денови поради што нема прашања од материјалот што требаше да се предава во тој период“, истакна Шаќири.

Тој додаде дека следното полагање ќе биде на 13 јуни, кога се полага вториот екстерен предмет, а резултатите се објавуваат 30 дена од последниот екстерен испит, што, како што нагласи, значи дека резултатите ќе бидат објавени на 12 јули.

Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска појасни дека согласно со концепцијата за државна матура и завршен испит во средното образование, Државниот матурски одбор, кој е надлежен за таа концепција, уште есента донесе одлука матурата оваа учебна година да се полага исто како минатата година заради сите услови на пандемијата и предизвиците што ги имаа и наставниците и матурантите од оваа година.

„Значи полагаат два екстерни испити и два интерни испити по 15 јуни внатре во училиште. Проектната задача веќе успешно ја реализираа скоро сите матуранти. За денеска поврзаните информации што ги имаме говорат дека навремено од сабајле се дистрибуирани испитните материјали испитни, и оти веќе испитот регуларно, навремено е почнат во сите средни училишта во нашата држава“, рече таа.

За полагање на матурата, која е услов за запишување на факултет, годинава се пријавиле 15.899 ученици што завршуваат средно образование. Од нив, 7.135 се од гимназии, 8.504 од стручни и 260 од уметнички училишта.

Полагањето на вториот екстерен испит ќе биде на 13 јуни од 10 часот. Тој е по избор на учениците, а и оваа година најмногу се пријавиле за тестот по англиски јазик – 14.320 кандидати. Математика ќе полагаат 1.231, германски јазик 118, триесет кандидати има за тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 ќе полагаат филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.

Тие што нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија. Тестот по мајчин јазик (македонски, албански или турски) ќе биде на 10 август, а на 12 август испитот по изборниот предмет: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

За спроведување на процесот на полагање на матурата се ангажирани околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи од централните образовни институции како што се Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Центарот за стручно образование, а обезбедена е и поддршка од МОН.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради ковид-19.

Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15.300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита лани беше 3,61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3,48.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons