Младите заминуваат поради корупцијата, врските и квалитетот на живот 

Порасна и се школуваше во земјата. Но, тоа не беше доволно да продолжи да живее тука. Во своите дваесетти години, Дорина Ајдини одлучи да се пресели да живее и работи во Германија. Таа веќе добила документи за постојан престој откако нашла престижно работно место таму. Дорина ги подготвува куферите за на аеродром со карта во еден правец, нагласувајќи дека главни причини за заминување не се само платите, туку и квалитетот на живот.

„Сега веќе не станува збор само за финансиската состојба, младите веќе не заминуваат како порано поради платите кои не беа доволно високи, па тие заминуваа во Европа или на кое било друго место во странство за повисока плата! Сега младите заминуваат за начинот на живот, за квалитетот на живот што го нудат странските земји. Ова е причината зошто јас заминувам од Северна Македонија, квалитетот на животот што ми се нуди таму е многу повисок во споредба со моето родно место“, вели Дорина.

Експертите имаат објаснување. Наведувајќи ги причините за масовното заминување на младите, Бранимир Јовановиќ, кој и самиот работи во странство, рече дека загрижуваат бројките на квалификувани кадри, за кои државата троши ресурси за нивно едуцирање, а тие се подготвуваат за надворешниот пазар на трудот.

Младите наведуваат дека една од главните причини поради која заминуваат е високатакорупција и поради тоа што за сè што на граѓаните им следува законски, треба или да се интервенира со пријателски врски или да се плати.

„Секогаш кога се враќам во Македонија по мала прошетка некаде надвор, секогаш се нервирам. Прво, штом ќе влезам во Македонија ме иритираат луѓето со нивната култура што ја имаат, нивната некултура, почнувајќи од хаосот со автомобилите и нечистотијата што ја гледаме на улиците, тоа се мали работи, но ви пречат во секојдневниот живот“, додава Дорина.

Од 2011 до 2019 година, 700.000 македонски државјани ја напуштиле земјата. Актуелните трендови укажуваат дека во моментов голем број граѓани заминуваат и проекциите се дека бројот на граѓани кои заминуваат ќе се зголемува и во иднина.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons