Актуелно

Митева со детален извештај за 35 години независност на Македонија: Програма што обедини генерации, градови и уметници

Денеска пред јавноста ги презентираме резултатите од реализацијата на програмата за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија – јубилеј којшто оваа година беше одбележан преку обемна, содржински разновидна и продукциски исклучително комплексна национална програма.

Пред нас е извештајот доставен од компанијата којашто беше задолжена за реализација на проектот. Станува збор за документ на 81 страница, во кој детално се образложени програмската концепција, организацијата, продукциските стандарди, ангажираните уметници и соработници, техничките и логистичките аспекти, како и финансиската структура на реализираните активности.

Како Влада сметаме дека јавноста заслужува да има целосен увид во тоа што беше реализирано, кој беше концептот врз којшто се темелеше програмата, каква беше нејзината национална и културна вредност и, секако, како се распределени финансиските средства.

Во таа насока беше поставена и целокупната програмска концепција.

18 настани во 13 градови низ Македонија

Во деталниот извештај има распоред на реализираните настани. Секој од нив е поединечно обработен во извештајот, со објаснување на концептот, содржината, ангажираните капацитети и неговото место во целокупната програма.

Ова е податок којшто најдобро го илустрира националниот опфат на манифестацијата.

Особено важно е што концептот не се потпираше исклучиво на големи меѓународни имиња. Напротив, една од неговите основни определби беше македонските уметници да имаат централно место во одбележувањето на независноста.

„Силно светнал ден“ – национален музичко-сценски караван

Еден од најзначајните и најобемните сегменти на програмата беше националниот музичко-сценски проект „Силно светнал ден“.

Станува збор за проект којшто по својата концепција, уметнички состав и организациски опфат претставуваше посебна програмска целина во рамките на одбележувањето. Основната идеја беше преку музика, сценски израз и современа визуелна продукција да се претстави патувањето низ изминатите 35 години независност; да се поврзат различните генерации коишто ја живееле и ја создавале современата македонска државност, музиката којашто го одбележа тој период и уметниците коишто оставија белег во нашата културна историја.

Проектот беше конципиран како национален музички караван којшто помина низ 11 градови: Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје.

Во оваа реализација беа ангажирани 41 македонски вокален изведувач, 20 професионални танчери, актери, како и оркестар составен од 15 музичари.

Тоа значи дека на сцената беше обединет значителен дел од македонскиот музички и сценски потенцијал, преку програма којашто бараше координација на голем број уметници, технички екипи и организациски капацитети. Проектот беше реализиран според високи продукциски и технички стандарди, со комплексна сценска инфраструктура, современа аудиовизуелна опрема и внимателно разработена визуелна концепција.

Еден од впечатливите елементи беше употребата на ЛЕД-подот, со кој сценската површина стана активен дел од визуелниот наратив на програмата.

Проектот беше реализиран во копродукција со продукцијата „ОХО“, реномирана македонска продукциска куќа препознатлива по реализацијата на проекти коишто комбинираат образовни, културни и општествено значајни содржини.

Со „Силно светнал ден“ македонската музика и македонските уметници беа во средиштето на одбележувањето. Тоа беше суштинска определба на програмата.

José Carreras и Macedonian All Stars – македонската музика на иста сцена со светската

Вториот голем програмски сегмент беше токму овој настан, којшто се одржа на 1 септември.

Концептот беше поставен врз јасна основа: македонската музика да не биде придружен или спореден дел од голем меѓународен концерт, туку рамноправен носител на програмата.

Оваа програма беше поделена на две главни целини.

Првиот дел беше посветен на македонските уметници, со настап на десет домашни изведувачи. На тој начин беше создаден простор за афирмација на македонското музичко творештво. Вториот дел беше посветен на настапот на светски познатиот тенор José Carreras, во придружба на Македонската филхармонија, под диригентската палка на David Giménez.

Вклучувањето на Македонската филхармонија имаше посебна уметничка и институционална тежина. Нашите професионални музички капацитети беа составен и суштински дел од реализацијата на овој проект. Оттука, концертот даде придонес којшто го надминува самиот музички настан, претставувајќи значаен дел од културната програма на јубилејот.

Музичка разновидност: меѓународни имиња и македонски изведувачи

Паралелно со овие два значајни проекта, програмата опфати и низа други концертни настани, со што се обезбедија разновидност во жанровите и можност различни генерации публика да бидат дел од одбележувањето.

Манифестацијата беше отворена со настапот на светски познатиот музички продуцент и диџеј Steve Aoki, со што уште на самиот почеток беше најавен современиот, интернационален и продукциски амбициозен карактер на програмата.

Во рамките на програмскиот концепт „Најдоброто од Македонија“ беа организирани три концерта во три града – Струмица, Скопје и Тетово.

На овие музички содржини настапија едни од најпознатите и најзначајните имиња на македонската музичка сцена: Мизар, Синтезис, Меморија, Суперхикс, Слаткаристика, Два Бона, Фанк Шуи, Дина Јашари, Каролина Гочева и Елита 5.

Беше опфатен широк спектар – од традиционални и етно-музички влијанија, преку рок и алтернативна сцена, до современи урбани и популарни музички изрази.

Во меѓународниот сегмент се реализираа и настапите на светски познатите артисти Paul van Dyk и Paul Oakenfold во Струмица. Со нивното вклучување се прошири меѓународниот опфат на програмата, а истовремено се потврди и определбата големи музички настани да се организираат и надвор од Скопје.

8 Септември – David Guetta, The Monolith Show

Централниот концертен спектакл се одржа на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Настанот претставуваше еден од технички најсложените и продукциски најобемните настани во рамките на целата програма.

Според доставениот извештај, настанот привлече публика од околу 50.000 посетители.

Оваа бројка сама по себе говори за интересот и обемот на организацијата, но вистинските размери на проектот се согледуваат преку техничката, продукциската и безбедносната подготовка потребна за реализација на концерт од ваков формат.

The Monolith Show е продукција од светски ранг, којашто подразбира значително повисоко ниво на сценска организација, технички капацитети, координација и инфраструктурна подготовка. Концертот беше реализиран со импозантна сценска конструкција, ЛЕД-екран со должина од 32 метри, масивен светлосен систем, голем број светлосни тела, ласерски ефекти и врвна концертна аудиопродукција. Станува збор за продукција којашто бара интегрирано планирање и усогласување на сценските, електроенергетските, аудиовизуелните, логистичките и безбедносните компоненти.

Овде сакам да ставам посебен акцент и на организацискиот предизвик што го имавме, а тоа е фактот што концертот се одржа на националниот стадион. Токму затоа, еден од приоритетите во техничката подготовка беше заштитата на тревната површина на арената како значаен дел од националната спортска инфраструктура. За таа цел беше применет специјализиран систем од тешкотоварни заштитни панели, наменети за стадиони и големи арени.

Ова го истакнуваме затоа што организацијата на настан од ваков формат не се оценува исклучиво преку имињата на артистите или бројот на посетители. Таа се оценува и преку капацитетот да се испланира, технички да се подготви и безбедно да се реализира проект со големи продукциски и инфраструктурни барања.

Резултати и општествено значење на програмата

Кога зборуваме за резултатите и општественото значење на програмата, неопходно е да се погледне целината, а не само поединечните концерти. Вредноста на програмата се согледува преку повеќе аспекти. Пред сѐ, преку националниот опфат од 18 настани во 13 градови, со што се обезбеди широко територијално присуство на програмата. Потоа, преку непосредното вклучување на голем број македонски уметници, музичари, танчери, актери, технички професионалци и продукциски соработници, како и преку реализацијата на настани со високи продукциски и безбедносни барања.

Дополнително, преку бесплатниот пристап за граѓаните, со што програмата доби изразен јавен карактер и овозможи широко учество во одбележувањето. Преку поврзувањето на македонското творештво со меѓународно признати уметници и продукции. И конечно, преку создавањето културна и аудиовизуелна содржина којашто останува како трајно сведоштво за одбележувањето на 35 години независност.

Финансиски извештај – распределба на средствата

Сметаме дека е особено важно јавноста да добие прецизни и јасни информации. Реализацијата на програма со ваков обем подразбира значителни организациски, продукциски, технички и логистички ресурси.

Финансиската структура треба да се разгледува во контекст на целокупната програма, односно сите 18 реализирани настани, нивната продукциска сложеност, бројот на ангажирани уметници и соработници, како и потребната инфраструктура за нивна реализација.

Согласно доставениот извештај, финансиските средства се прикажани во пет основни категории:

Хонорари за артисти и изведувачи: Оваа категорија се однесува на уметничкиот сегмент на програмата и ангажманите на артистите и изведувачите, за кои се прикажани вкупно 129.307.500 денари.

Продукција: Прикажани се 96.272.512 денари. Тука се опфатени продукциските потреби за реализација на програмата. За да се разбере обемот на овој сегмент, неопходно е да се има предвид дека станува збор за настани со различни сценски формати.

Логистички трошоци: Организацијата на национална програма во 13 градови подразбира координација на бројни оперативни активности, транспорт, организациска и техничка поддршка и останати логистички потреби. Овде се прикажани 58.527.037 денари.

Маркетинг: Прикажана е вредност од 2.832.450 денари.

Хонорари за соработници: Прикажани се 53.570.250 денари.

Вкупната вредност на сите пет категории изнесува 340.509.749 денари.

Почитувани граѓани,

Почитувани претставници на медиумите,

35 години независност на Македонија беа повод да се организира ваква програма којашто ги поврзува различните генерации, градови, уметници, но и музички традиции.

За нас, достоинствено одбележување на националниот јубилеј подразбира истовремено почитување на историјата, афирмирање на националната култура, отворање простор за современ уметнички израз и одговорност за користењето на јавните средства.

Ви благодарам на сите за вниманието. Цениме дека ваквата детална презентација е во најдобар интерес на јавноста.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons